Нови дојави за поставени бомби во училишта во Скопје, Тетово и во Битола

Фото: Архива на Мета.мк

Дојави за поставени бомби утрово стасале на електронските адреси на училишта во Скопје, Тетово и во Битола, потврди Министерството за внатрешни работи. Директорите на училиштата велат дека веднаш по дојавите евакуирани се учениците и вработените од училишните објекти.

„Дoсега во СВР Битола, СВР Скопје и СВР Тетово e пријавено дека на електронските адреси на училишта во Битола (до сега едно училиште), Тетово (до сега две училишта) и Скопје (до сега седум училишта) е упатена закана за поставена експлозивна направа. По добиените пријави, полициски службеници презедоа мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки“, информира МВР.

Неофицијално, дојава за бомба добиле неколку скопски училишта меѓу кои гимназиите „Никола Карев“, „Орце Николов“ и „8 Септември“. Кенан Асани, директорот на училиштето „8 Септември“ вели дека ова е трет пат ова училиште да добие дојава за поставен експлозив.

„Нашите професори ги одработуваат изгубените часови, бидејќи само три пати се случи досега да имаме дојави. Проблем имаат други училишта кои два месеци постојано се евакуираат заради дојави“, вели Асани.

Според календарот за работа и организација на работата на средните училишта, мора да се одработат 180 наставни денови, освен за учениците кои се во завршна година и тие треба да одработат 166 наставни денови.

Од 26 октомври наваму, во континуитет улчилиштата добиваат закани за поставени бомби. Најпрво на удар беа училишта за средно образование, па мејлови почнаа да добиваат и основни училишта, а потоа и трговски центри, станбени згради, хотели. За сите дојави беше утврдено дека се лажни.

Министерот Оливер Спасовски минатата недела кажа дека има постојано штаб кој работи на оваа проблематика и не само Одделот за дигитална форензика, туку и сите меѓународни партнери се известуваат во однос на сите овие дојави кои се случуваат во земјата. Тој кажа дека во моментов нема какви било индиции за нарушување на безбедносната состојба.