И прилепски училишта на електронска адреса добиле дојави за поставена бомба

Извор на фотографија: Општина Прилеп

Основните училишта во Прилеп „Добре Јованоски“, „Гоце Делчев“ и „Блаже Конески“ денеска добиле дојави за поставена бомба, по што веднаш биле евакуирани учениците и вработените. Ова е прв пат дојави за бомби да има во овој град. Тим за антитероризам на МВР ги проверува објектите.

MВР информираше за нови дојави утрово во училишта во Скопје, Тетово и во Битола. Кенан Асани, директорот на училиштето „8 Септември“ вели дека ова е трет пат ова училиште да добие дојава за поставен експлозив.

„Нашите професори ги одработуваат изгубените часови, бидејќи само три пати се случи досега да имаме дојави. Проблем имаат други училишта кои два месеци постојано се евакуираат заради дојави“, вели Асани.

Според календарот за работа и организација на работата на средните училишта, мора да се одработат 180 наставни денови, освен за учениците кои се во завршна година и тие треба да одработат 166 наставни денови.