ДИЖС поднесе кривична пријава до ОЈО за палење трски и насипување шут во Охридското Езеро во струшко

Фото: ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во соработка со Одделението за внатрешни работи (ОВР) Струга поднесе кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство за лице што ангажирало градежна механизација за насипување и рамнење на дел од крајбрежјето со шут и земја во Охридското езеро во Струшко.

„На локацијата исто така беа забележани и траги од опожарена трска. Овие активности резултираат со недозволена крајбрежна трансформација и уништување на пределот. Нема да дозволиме загадување на животната средина, особено во регион кој е впишан на листата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство“ велат од ДИЖС.

Оттаму информираат дека правниот основ на тужбата е членот 230 од Кривичниот законик „Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“, според кој може да се изрече казна затвор од три месеци до три години.