Заштитата и подготвеноста се најважни, така што акцентот треба да биде ставен на превенција и интензивно инвестирање во системот за управување со кризи за соодветни реакции. Потребен е јасен и транспарентен процес на проверка од потенцијални ризици при носење на секоја одлука.
Тоа е порака од Ивана Најдоска, Програмска директорка на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), која денеска ја водеше дискусијата „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи“ во организација на ИДСЦС.
Најдоска потенцираше дека локалните власти треба да балансираат меѓу превенирање и реакција на можноста за непогоди и катастрофи.
Настанот, заедно со Најдоска, го отвори Ендру Бренд, Раководител на програма во Британската амбасада во Скопје. Бренд во своето обраќање истакна дека додека светот се справува со ефектите од коронавирусот, a опасностите од глобалното затоплување станаа поочигледни.
„Ова лето бевме сведоци на големи шумски пожари во Северна Македонија. Toa има долгорочни ефекти и врз климата и врз егзистенцијата на локалното население. Националните влади треба однапред да планираат и да се подготват за вакви итни ситуации. Локалните власти треба да планираат стратешки и да можат брзо да одговорат на овие кризи. Ефективната координација помеѓу националните и локалните власти е од клучно значење кога се справуваме со кризи“, порача Бренд.
Превенцијата е далеку поевтина од санацијата, нагласи Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС.
„Ние често пати велиме дека е подобро да се спречи отколку да се лечи, но не се инвестира доволно во превентивна инфраструктура и градење капацитетот за подготвеност за да се намалат штетите кога ќе се случи некоја криза. Општините сe првите кои што треба да извадат ресурси на терен за да работат на заштита и спасување. Секоја одлука која што ја носи општината потенцијално може да помогне или да го засили ризикот од катастрофи“, рече Поповиќ.
За време на модерираната дискусија се обратија градоначалниците на општина Конче и општина Струмица, Златко Ристов и Костадин Костадинов, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, консултантот за кризен менаџмент Васко Поповски, Раководителката на Центарот за развој на источен плански регион Зујица Ангелова, Раководителот на Центарот за развој на скопски плански регион Љупчо Мицковски, Раководителката на Центарот за развој на југоисточен плански регион Жулиета Ѓуркова, како и Александар Крстевски и Назми Јусуфи, претставници од општините Куманово и Гостивар.