Speech4Teach за менталното здравје кај младите: Треба да се работи на превенција уште од најмала возраст

Фото: Фондација Чекор по чекор

Традиционалниот настан Speech4Teach кој по седми пат го организира Фондацијата Отворено општество-Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор во рамките на проектот „Образование на помалку бројните етнички заедници“ оваа година се одржа онлајн на платформата Зум со тема за менталното здравје во нашето општество.

Настанот беше посветен на емитување на едно од трите видеа инспирирани и подготвени за темата за менталното здравје, а истото го најави модераторот на вебинарот, Сузана Киранџиска, извршен директор на Фондацијата Чекор по чекор.

Првото видео, „Говориме за менталното здравје“ е инспирирано општо од темата за ментално здравје. Во видеото како стручни говорници се јавуваат Проф. Д-р Димитар Боневски, Прим. Д-р Мери Бошковскa, Проф. Д-р Александра Каровска, Проф. Д-р Огнен Спасовски, училиштен психолог Ана Попризова и психолог психотерпевт Радмила Живановиќ. Експертите во него говорат за тоа како се дефинира менталното здравје во општеството, зависноста меѓу телесното и менталното здравје, негова превенција кај децата и младите и важноста да се започне истата од најмала возраст, различните фактори кои директно влијаат врз развојот на единката и нејзината психолошка стабилност.

Беше потенцирано и дека покрај домашното воспитување и средина на живеење што се рефлектираат во однесувањето на секое дете, потребно е образовниот кадар со институциите, почнувајќи од градинките кои ги посетуваат децата уште од најмала возраст да има одредени вештини за педагошко однесување и пристап со децата.

Фото: PeopleImages, Unsplash

„За развивањето на здрави животни стилови постојат бројни фактори кои се од сериозно значење. Неопходно е да има една хумана и поддржувачка средина, почнувајќи од градинките, училиштата па се до работните места и средината во која живеат единките“, вели во видеото Проф. Д-р. Димитар Боневски.

Психологот и психотерапевт, Радмила Живановиќ истакна дека за жал на менталното здравје се работи само на иницијативи и краткорочни проекти поттикнати од невладините организации.

„Сите оние кои што имаат проблеми и прашања, родители со деца кои не се добро вклопени во училишната средина, често пати наставниците бидејќи немаат служба и не знаат како, ги упатуваат на консултација со приватен психолог кој патем речено мора да се плати. Овде ќе алармирам дека е потребно услугите на менталното здравје да се вклучат во обезбедување на услуга на граѓаните од страна на општините или централната власт со програми што ќе санираат одредени настанати ситуации како со децата така и со наставниците“, рече Живановиќ.

По видеото се одржа кратка дискусија во која говорниците одговараа на прашања упатени до нив.

Фото: Принтскрин – онлајн дебата

На прашањето на Мета.мк за тоа дали и како може да се формира програма што ќе служи за обука и подобрување на вештините на наставничкиот кадар за педагошкиот пристап кон децата и детектирање на проблеми со менталното здравје, Сузана Киранџиска одговори дека заедно со Прим. Д-р. Мери Бошковска во текот на целата година организираат семинари на тема за менталното здравје кои се слободни за пријавување.

„Морам да истакнам дека има голем интерес за огласите за овие семинари. Бројот на предвидени е 30 учесници, додека во секоја сесија имаме по 120 пријавени. Меѓу нив има и голем број на вработени во училиштата кои активно учествуваат во текот на целата програма предвидена за една сесија. Важно е што интересот е голем и потекнува од цела Македонија“, рече Бошковска.

Проф. Др. Огнен Спасовски вели дека прва асоцијација за одговор на ова прашање е што да се направи, а да биде остварливо.

„На ваквите обуки се пријавуваат наставници кои во најголема мера веќе се сензибилизирани, за разлика од поголем дел кои ги немаат развиено наставничките компетенции кои во себе ги вклучуваат вештините за превенција на менталното здравје. Потребна е општа акција на системско ниво од најрана возраст за да се справиме со предизвиците со кои се соочуваат младите генерации. Неопходно е да имаме кадар со развиени наставнички компетенции за препознавање и поттикнување на децата заедно со стручна служба што ја има во секое училиште“, нагласи Спасовски.

Сузана Киранџиска го најави излегувањето на веќе изготвениот прирачник кој го направиле заедно со Мери Бошковска со тема за против врсничкото насилство што влијае на менталното здравје кај децата. Прирачникот ќе може да се најде во библиотеката на Фондацијата Чекор по чекор. Второто видео од кампањата за ментално здравје поттикната од Фондацијата Чекор по чекор и Фондацијата Отворено општество-Македонија ќе се прикаже во модериран настан во почетокот на следната година.