Денес и утре во МКЦ продолжува богатата програма на музичката конференција ПИН

Станува збор за настан на кој преку ден може да се учествува на панелли со професионалци од музичката индустрија, а навечер може да се присуствува на бесплатна музичка програма со локални и странски артисти

Фото: Мета.мк

Вчера во Младинскиот културен центар во Скопје започна музичката конференција и фестивал ПИН, организиран од Пасворд продукција. Станува збор за тридневен настан, на кој преку ден се одржуваат панели со професионалци од музичката индустрија, а навечер има бесплатни концерти од изведувачи ширум светот.

Програмите на т.н. „showcase“ фестивали, каков што е ПИН или словенечкиот МЕНТ,  вклучуваат помалку познати артисти кои сè уште се пробиваат во музичката индустрија.

Во 10. издание на ПИН може да се чуе музика од македонски како и многубројни странски артисти. Од локалната сцена ќе учествуваат Conspiracy, Димиш, Алембик, Зарина Првасевда, Светлост и други. Од странски артисти, пак, може да се чујат Свемирко од Хрватска, Газорпазорп од Србија, Afriquoi од Велика Британија, како и словенските претставници на овогодишната Евровизија Joker Out.

На дневните панели има панел дискусии за музички маркетинг, за тоа како подобро да се исплати музичкиот труд, како и за иднината на концерти со холограми. В сабота ќе има и дискусија за балканската музичка сцена со пејачот од претходно споменатиот Joker Out и со неговата евровизиска колешка Констракта.

Музичката програма вчеравечер започна на многу добра нота, со голем број различни изведувачи, кои го искористија секој простор во МКЦ како сцена, вклучувајќи го „Џебното кино“, па дури и самото веце.

Македонската пејачка Зарина Првасевда ја маѓепса публиката со нејзиниот моќен глас, пеејќи народна музика од целиот Балкан. Настапот ја водеше публиката низ многу сонични светови, а истата ѝ се препушти на музиката.

Шпанско-португалскиот бенд Ајом ја дигна на нозе седечката публика на киносалата „Фросина“ со својата енергична музика. Членовите на бендот потекнуваат од Бразил, Италија и Грција, а во нивната музика се чувствува беспрекорно везење на различните музички традиции на земјите на потекло на членовите.

Вечерта ја затворија Искра, скопски „аудиовизуелен проект“, со перформанс на електронска музика што ја врати публиката во 1980-те години, а видеото што се проектираше зад нив ја стави публиката во научно-фантастичен свет.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)