ДЕБАТА: Да има волонтерски часови и да се прифати ваквата активност на факултетите и во средните училишта

Младиот волонтер Синиша Станковиќ; Фото: Скриншот од дебатата

Волонтерите не се платени – не затоа што се безвредни, туку затоа што се бесценети. Оваа порака ја искажаа неколку соговорници на денешната онлајн дебата „Младите и волонтерството“, која што се одржа во организација на Фондацијата Метаморфозис. Развивање на поголема општествена свест за волонтерството, воведување на волонтерски часови за младите во образованието и признавање на волонтерската активност на средношколците и студентите во севкупниот образовен успех на факултетите и средните школи беа само дел од идеите кои беа изнесени на дебатата.

Денешната дебата ја отвори Ендру Бренд, раководител на програми во Британската амбасада во Скопје, којшто ги спомена податоците на Обединетите Нации дека една милијарда луѓе во светот се активни волонтери, а речиси секој трет млад човек пријавил дека имал искуство со волонтирањето. Волонтирањето често е првото искуство на граѓански ангажман на младите, а се проценува дека има речиси 600 милиони млади волонтери низ целиот свет.

Ендру Бренд; Фото: Скриншот од дебатата

„Според најновите податоци објавени од Националниот совет за волонтерски организации на Обединетото Кралство, во 2020/2021 година 16,3 милиони луѓе во Обединетото Кралство волонтирале „формално“, односно преку организација како што е: група, клуб или друг субјект“, изјави Ендру Бренд на дебатата.

Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, се задржа на меѓународната програма за волонтирање Европски солидарен корпус формирана од ЕУ. Тој посочи дека одењето како волонтер во странство од нашата земја е многу помалку застапено од доаѓањето на странски волонтери од други земји кај нас.

По 120 волонтери годишно доаѓаат во Македонија, рече Ѓоргиевски, и додаде дека младите преку оваа програма имаат можност да посетат друга земја, да го увидат начинот на живот таму, да запознаат други млади, да создадат врски и да ги градат своите капацитети преку неформалното образование.

Марко Ѓоргиевски; Фото: Скриншот од дебатата

Ѓоргиевски објасни дека од 2021 година преку програмата волонтирањето може да се одвива во самата држава, па така, млади лица од Охрид можат да одат да волонтираат во Свети Николе или друг град во земјава.

Притоа, преку Европскиот солидарен корпус, волонтирањето може да се одвива од 2 до 12 месеци како неплатена активност, при што секој волонтер добива средства за патување, сместување, храна, осигурување и џепарлак, кој зависи од државата која каде се одвиваат активностите.

Преку волонтирање, младите може да се стекнат со добро искуство, со кое ги зајакнуваат нивните компетенции. Тоа не смее да се замени со работен стаж или работни места, појасни директорот на Националната агенција.

Тој смета дека волонтерството треба да се подигне на повисоко ниво во нашата држава, бидејќи тоа е помалку развиено во однос на она што се случува во Европа. Ѓоргиевски го спомена примерот со Пробиштип, каде неформална група на пет млади лица добиле проект за афирмација на старите занаети, при што младите имале одлично реализиран проект.

„Креаторите на политики, заедно со организациите кои се најзасегнати и најмногу ги знаат проблемите, да видиме што е тоа што заеднички можеме да го подобриме во иднина за навистина на младите луѓе да им овозможиме да волонтираат“, изјави директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Метин Муареми, претседател на Центарот за едукација и развој (ЦЕД) изјави дека нивната организација постои веќе 15 години и работи првенствено во делот на Полошкиот регион и има искуство со млади волонтери, како од локалната заедница, така и со волонтери кои доаѓаат од странство.

Метин Муареми; Фото: Скриншот од дебатата

Тој вели дека досега имале над 500 локални волонтери вклучени во разни активности, како и над 30 странски волонтери, првенствено млади. Да се направи нешто добро во општеството, мотивираноста и вклученоста се трите елементи за младите да препознаат дека нешто може да се направи во заедницата, рече Муареми.

Волонтирањето им помага на младите да ги развијат своите капацитети и им овозможува вмрежување со бројни контакти за подобра кариера во иднината.

„Треба да се работи на подигнување на свеста не само на младите, туку и на институциите, дека волонтерството треба да биде признаено како искуство“, рече тој.

Претседателот на Центарот за едукација и развој спомена дека во нивната организација секогаш има отворен повик за локални волонтери, а младите можат да се вклучат преку работа во канцеларија, активности на организацијата или нивни иницијативи што би се реализирале преку организацијата.

Многу е битна нивната мотивација, вели Метин, и додава дека странските волонтери особено се позитивен пример за младите од локалните средини, бидејќи кога гледаат како тие, на пример, собираат отпадоци во Теарце или Тетово, тоа влијае и кај локалните млади да се запрашаат што чекам јас.

Мариана Ангелова, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија на онлајн дебатата посочи дека младите волонтирањето најчесто го практикуваат за прашања и проблеми од коишто тие најмногу се засегнати. Таа дополни дека младите треба да имаат соодветна поддршка при волонтирањето, но и да ја имаат апсолутната слобода за да ја организираат нивната идеја или акција и самите да донесуваат одлуки. Најчесто тука младинските организации се оние што поддржуваат локални акции на волонтери, вели Ангелова.

Она што не излегува на виделина се предизвиците со кои се соочуваат младите, односно тоа што нивниот волонтерски труд и креативни идеи не секогаш се препознаени од носителите на одлуки, па дури и од младинските организации. Не се вреднува многу често нивниот труд, па не постои чувство на почитување на трудот од заедницата, додава таа.

Мариана Ангелова; Фото: Скриншот од дебатата

Ангелова рече дека волонтирањето го зголемува чувството на припадност кон заедницата, но и помага за развивање на одредени вештини за кои можеби образовниот систем не помага толку, како што се: способност за работа под притисок, комуникациски вештини, организациски вештини, лидерски вештини или работа во група.

Андреј Наумовски, проектен координатор во Волонтерски центар Скопје на онлајн дебатата спомена дека волонтерството е чувство на припадност, нови начини на работа, запознавање на нови култури и повеќе патувања. Тој додава дека постојат стигми за волонтерството, како што е на пример, зошто да работиш без пари.

Спомена дека Волонтерски центар Скопје досега има испратено најмногу волонтери преку претходната програма ЕВС и постојната Европски солидарен корпус, дополнувајќи дека македонските волонтери кои волонтираат во странство донесуваат искуство од странските земји.

„Волонтерството треба да поаѓа од самите нас, ние самите треба да почнеме да го бараме“, им порача Наумовски на младите, додавајќи дека на организациите и на компаниите останува како да им најдат можност како да ги вклучат како волонтери.

Андреј Наумовски; Фото: Скриншот од дебатата

Тој додава дека најмногу потреба за волонтирање и интерес на младите има за да се вклучат во заштита на животната средина, но не само за чистење, туку и подигнување на свеста за заштита на животната средина. Тука се и активностите во однос на менталното здравје или човековите права како тема за волонтирање на младите.

Наумовски рече дека кај нас постои ниска општествена свест за волонтирањето, но и дека треба да се прави разлика меѓу волонтерство и стажирање, да се направи разлика за да се знае што се придобивките на истите. Сепак, волонтирањето не треба да биде активности само на младите, додаде Андреј, и дополни дека и вработените лица и луѓето кои се во пензија треба да мотивираат и да бидат вистински пример за да се мотивираат младите за волонтирање. Еден час волонтирање во денот или седмицата може да значи многу за други луѓе и за заедницата, додаде Андреј Наумовски.

Тој додаде дека волонтерите во нивната организација работат на списанието и подкастот Voices, кое е списание наменето од млади за млади, имаат активности со децата во училиштето „Златен Сремац“ и со децата во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Волонтерскиот центар Скопје во моментов има девет волонтери од странство од неколку европски земји.

Станиша Станковиќ, волонтер во неколку граѓански организации, на денешната онлајн дебата го сподели своето искуство од волонтирањето, за кое нагласи дека како искуство придонесува за слобода на изразување, слобода на движење, сослушување на мислење и е безбедна средина без предрасуди и стереотипи која ја зголемува толеранцијата.

Како предности на волонтирањето, Станковиќ ги истакна стекнувањето на младинска мрежа од контакти, бесценетото искуство, како и развојот на емпатија кон другите луѓе.

Младиот волонтер Синиша Станковиќ; Фото: Скриншот од дебатата

Тој смета дека волонтирањето, особено годинава, е подобрено кај младите. Додава дека особено младинската невработеност, положбата и ресурсите се ограничувачки фактори за подобрување на волонтерската активност кај младите.

Станковиќ рече и дека прашање е колку волонтерите и нивната активност се застапени во медиумите кај нас преку позитивните примери, како што е помошта на младите преку Црвениот крст во големата акција за масовна вакцинација на населението.

Неговиот предлог на денешната дебата е во земјава да се воведат волонтерски часови што ќе ги мотивираат средношколците и студентите да учествуваат во доброволни активности. Тој рече дека факултетите и средните школи ги вклучуваат и признаваат како успех во севкупното образование на младите единствено учествата на натпревари, но не и волонтерството.

Денешната дебата во организација на Фондацијата Метаморфозис е во рамки на проектот „Кредибилни вести за оспособена младина“, финансиран преку UK Aid од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.