fbpx

Дали, кога, каде и за што: Многу прашања и малку одговори за преговорите

-

Во очекување да се реши дилемата и вакуумот од јасни одговори за тоа што ќе следи по фијаското на преговорите во Брисел за решавање на политичката криза во Македонија, овие денови се множат прашања за кои нема дефинитивни одговори. Може да се каже дури и дека наместо извесни решенија, последниве недели добиваме сè повеќе прашања и сè понеизвесни одговори.

Дали ќе продолжат?

Најверојатно – да. Сите страни, и Заев и Груевски и преставниците на ЕУ, велат дека „вратите се сè уште отворени“. Влоговите сега на сите се преголеми за процесот да замре во оваа фаза. Груевски ги прифати оставките на Мијалков, Јанакиески и на Јанкулоска, се согласи да седне на преговори и во Скопје и во Брисел. Заев стави потпис дека нема да објавува „бомби“, дека ќе се врати во Собранието и почна да преговара. Европската унија го фрли морковот со можниот датум за преговори наесен и замавна со стапот за можно одземање на препораката во следниот извештај, со што би нè вратила назад во процесот на приближување кон ЕУ за неколку години. Сето тоа тешко дека ќе се фрли во вода.

Кога ќе продолжат?

Неделава полека поминува, иако не е исклучено при крајот, во Клубот на пратеници, да има нова средба. Ако тоа не се случи, тогаш почетокот на следната недела е најверојатниот датум. Заев вчера двапати рече дека тоа би било во текот на следните десетина дена „или да не се мачиме повеќе“.

Каде ќе продолжат?

Првичниот договор би бил во Скопје, а потоа, ако има напредок и поместување од почетните црвени линии, би се одело во Брисел. Ни Хан ни ЕУ сега веќе не би си дозволиле да има второ фијаско и ќе седнат на маса со актерите од Македонија само со цврсти гаранции дека договор – каков било – ќе има!

Кој ќе ги води?

Повторно истата екипа Хан – Вајгл – Кукан – Ховит – Лероа! Изземањето на некој од нив само ќе значи признавање дека не успеале, а тоа нема никому да му донесе поени.

Кој ќе преговара?

Ова е најизвесно: Груевски – Заев – Ахмети – Тачи.

Важи ли договорот од 2 јуни?

Изгледа, важи само на хартија. Не го оверија во Брисел, Заев веќе го прекрши со новата „бомба“ вчера, не се врати ниту во Собранието, а за предвремените избори во април 2016 година, сè помалку се зборува.

Важи ли договорот за предвремени избори во април 2016 година?

Исто како и погоре. Само на хартија. Двете страни си играат криенка и ги пресметуваат месеците што им се потребни да се подготват. Груевски, сепак, како да е влезен во фазата на подготовка со квазипредизборните активности оваа недела. СДСМ, пак, објективно ниту може, ниту има енергија тоа да го прави, па оттаму, од нивна гледна точка разбирливо е што „тегнат“ за што подоцен датум и за што поскоро заминување на Груевски.

Ќе се вклучат ли Американците?

Во нејасните најави кои се појавуваат од разни извори и во исто толку нејасните соопштенија од американската амбасада за евентуалното вклучување на помошничката на државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, може само да се насети дека таква идеја виси во воздухот. Во овој момент, ако Нуланд ја преземе посредничката улога, тоа ќе има два ефекта: ЕУ ќе признае дека „не ја бива“ и дека им ја препушта улогата на САД и ќе значи дека договорот ќе се „црта“ во Вашингтон, а не во Скопје или Брисел. Американците не би си дозволиле личност од форматот на Нуланд (која остана забележана по изјавата „Кој ја е.. ЕУ“ за време на украинската криза) да се инволвира без однапред дадени гаранции дека ќе се постигне договор и без да има однапред договорен распоред на настани и на алатки со кои тоа би се постигнало.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...