fbpx

Д-р Стојановиќ Чрчева: Загадувањето на воздухот, почвата и водата го зголеми ризикот за појава на карцином на дојка

Карциномот на дојка е застапен во многу поголем процент во високо развиените држави. Објавени се повеќе трудови кои укажуваат дека стилот на живеење на современата жена е голем ризик фактор за појава на ова заболување, вели во интервју за Мета.мк, д-р спец. по радиодијагностика Маја Стојановиќ Чрчева од Центар за дојка

-

Речиси 25 проценти од малигните заболувања кај жените припаѓаат кај ракот на дојка, покажува 10-годишниот просек од Институтот за јавно здравје. Приближно 300 жени на годишно ниво, или речиси по една жена дневно, го губи животот како последица на карцином на дојка во земјава. Старосната граница се намалува, а бројот на дијагностицирани жени се зголемува. Ако во 2010 година имало 310 смртни случаи, а во годините потоа се движат околу 280, минатата година од рак на дојка починале 356 жени. Во земјава, висока е и стапката на смртност од рак на дојка, која изнесува дури 38,5 проценти, според податоците од Институтот за јавно здравје.

Од друга страна, дополнителен проблем е и закажувањето на редовен скрининг во државните и јавни здравствени установи – наједноставно кажано, термини за преглед преку „Мој Термин“ нема, барем не оваа година. Иако сите медицински лица апелираат на редовни прегледи, со цел превенција на ракот на дојка, тоа во земјава е речиси невозможно, освен доколку жените не се решат прегледите да ги направат во приватните здравствени установи.

Месец октомври е месец за будење на свесноста на женската популација за превенција на овој вид карцином. Во изминатите години бевме сведоци на голем број кампањи за превентивни прегледи, но годинава тие изостануваат, а најверојатен причинител за тоа е што термин за преглед во јавното здравство е речиси невозможно да се најде, па оттаму донекаде залудни се и напорите да се апелира на превенција, кога истата е системски оневозможена.

Мета.мк разговараше со д-р спец. по радиодијагностика Маја Стојановиќ Чрчева од Центарот за дојка во однос на причините, превенцијата и начините за дијагностицирање на ракот на дојка кај женската популација, со цел да се придонесе за развој на свесноста за овој вид заболувања.

Со оглед на тоа што карциномот на дојка е најчестиот вид карцином кај женската популација, се забележува ли пораст на бројот на прегледи во последниве години?

Д-р Стојановиќ Чрчева: Да, во Македонија како и во целиот свет во последните години постои тренд на зголемување на бројот на заболени од карцином на дојка, додека возрасната граница сè повеќе се намалува.

Според десетгодишниот извештај на ИЈЗ, карциномот на дојка се наоѓа на второ место, веднаш по карциномот на бели дробови, со просек од 800 случаи годишно. На што се должи ова?

Д-р Стојановиќ Чрчева: Можеби звучи парадоксално, но карциномот на дојка е застапен во многу поголем процент во високо развиените држави. Објавени се повеќе трудови кои укажуваат дека стилот на живеење на современата жена е голем ризик фактор за појава на ова заболување. Секојдневната трка со времето, изложеноста на стресни состојби, одложување на мајчинството заради работните обврски, користење на хормонска супституциона терапија се само дел од факторите кои имаат свое големо влијание. Големиот број обврски кои ги имаат жените во денешно време водат и до лоши навики во исхраната (често користење на „брза храна”), недоволна физичка активност и прекумерна телесна тежина. Кога на сето ова ќе се додадат и штетните животни навики (алкохол, пушење), балансот во организмот се нарушува и се создаваат услови кои допринесуваат за зголемената инциденца на карцином на дојка.

Можевме да слушнеме сведоштва на голем број пациентки периодов, кај кои првично дијагнозата била погрешна, односно им било кажано дека „не е ништо”, за подоцна да се испостави дека всушност станува збор за карцином. На што се должи ова, тешко ли е дијагностицирањето на овој вид карцином?

Д-р Стојановиќ Чрчева: Дојката е орган кој под влијание на женските полови хормони ја менува својата структура и во различни периоди од животот различно изгледа. Темпото и начинот на менување на дојките низ времето е индивидуален за секоја жена и не секогаш е симетричен и рамномерен во двете дојки. Освен тој природен процес на инволуција, кај жените кои редовно менструираат постојат и циклични месечни промени во зависност од фазата на менструалниот циклус. Поради овие структурни особености и огромниот број на анатомски варијации, дојката е исклучително тежок орган за дијагностика и не секогаш е лесно да се направи правилна проценка околу понатамошните постапки на промените кои ги воочуваме. Затоа, прегледот на дојки секогаш треба да биде направен од висококвалификуван кадар во таа област (доктор специјалист по радиодијагностика), кој располага со квалитетна и современа апаратура.

Дали во Вашето искуство во последниве години забележувате разлика во однос на старосната граница кај пациентките дијагностицирани со карцином на дојка, дали таа се намалува и доколку да, имате ли сознанија на што се должи тоа?

Д-р Стојановиќ Чрчева: Старосната граница кај пациентите со сите видови на карцином, па и кај пациентките со карцином на дојка, се намалува сè повеќе во целиот свет. Се смета дека тоа се должи пред се на глобалното загадување на воздухот, почвата и водата кои се значително зголемени со започнување на ерата на индустријализација во светот. Разликата во квалитет на храната која ја конзумираме како и начинот на живеење во модерното време се исто така фактори кои имаат свое влијание.

Која е разликата меѓу ехо на дојки и мамографија? Колку често и кога треба да се прават овие испитувања?

Д-р Стојановиќ Чрчева: Дијагностичките методи за преглед на дојки се комплементарни, т.е. се надополнуваат една со друга, а не се исклучуваат. Секоја од нив ни дава различна информација. Од знаењето и умешноста на докторот кој го води прегледот зависи проценката кај која пациентка кој преглед би бил најадекватен и на колкав временски интервал би требало да се практикува. Сепак, супериорна метода за рано откривање на мали, непалпабилни туморски маси во дојките и за микрокалцификати кои можат да бидат знак за најпочетна фаза на карцином на дојка останува мамографијата. Кај асимптоматски пациентки кои немаат фактори кои го зголемуваат ризикот од ова заболување се препорачува мамографските прегледи да се практикуваат од 40-годишна возраст на интервал од две години. Од друга страна, ехо прегледот на дојка е основен преглед на избор кај помлади пациентки, корисна алатка како надополнување на мамографијата кај повозрасни пациентки и супериорен метод за диференцирање на течност од солидно ткиво.

Ехо прегледот кај здрави асмптоматски жени се препорачува од 30-годишна возраст на интервал од една година.

Се развива ли свеста кај женската популација за рутински, редовни прегледи?

Д-р Стојановиќ Чрчева: Зголемената медиумска застапеност на информации на оваа тема, кампањите кои се водат низ целиот свет особено во месецот октомври кој е прогласен за месец на розовата панделка како интернационален симбол за карцином на дојка (едукативни работилници, маратони, концерти и т.н.), допринесуваат во голема мера за развивање и зголемување на свеста кај женската популација за редовни скрининг прегледи.

Колку генетиката игра улога за развој на карциномот и на што треба да внимаваат жените? Во овој контекст, која е превенцијата од карциномот на дојка, кои се Вашите совети?

Д-р Стојановиќ Чрчева: Само околу 10-15% од карциномите на дојка се генетски детерминирани. Сите други случаи се кај пациентки кои никогаш немале ниту еден член во семејството со таа болест. Со самото тоа, главен и основен ризик фактор за ова заболување останува припадноста на женски пол и возраста над 40 години. Основните препораки и совети за намалување на ризикот од карцином на дојка се да се биде физички активен, да се одржува нормална телесна тежина, да се води уреден начин на живот, да се откажат штетните навики и најважно од сè – да се прават редовни прегледи бидејќи карциномот на дојка се лекува доколку се открие на време.

Дневно по една жена во земјава ја губи битката со ракот на дојка, расте и бројката на дијагностицирани

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...