Црногорски тинејџери објавија антивоена песна посветена на децата од Украина

Комнен Вуковиќ и Милица Радан. Фото: тамбнејл сликичка од видео-клипот објавен од „Вијести“ на Јутјуб.

Младите црногорски пејачи Милица Радан и Комнен Вуковиќ, заедно со подгоричкиот хор „Де-мол“, на 17 март објавија видео-спот за нивната антивоена песна „Вратите нам снове“ („Вратете ни ги сништата“) посветена на децата од Украина загрозени од војната.

Со песната се упатува порака за прекин на војната и се промовира емпатија за страдањата на децата.

„Запрете ги бомбите, вратете ни ги сништата
сончогледите наши што од мракот се плашат.
Ние сме војска на сонцето, армија на среќата
заради нас планетата мирно нека си се врти.“

Спотот е објавен од медиумската куќа „Вијести“, издавач на истоимениот дневен весник, телевизија и веб-сајт, кои се меѓу највлијателните во земјата.

Авторка на текстот е Маријана Кадиќ Бојаниќ, додека музиката и аранжманот е на Данијел Алибабиќ.

Во интервју за Balkansmedia.org, Кадиќ Бојаниќ објаснила дека сликите од војната, децата кои остануваат без најблиските, срушените домови, бегалските колони, страдањата и неизвесноста ја разбудија во неа најдлабоката тага, но и желбата да се направи нешто, барем малку, што ќе го разберат сите добронамерни луѓе и ќе преземат акција.

„Сликите од страдањата ми ги вратија потиснатите сеќавања на она што ние од подрачјето на поранешна Југославија го преживувавме во деведесетите години, кога и моето мирно и бајковито детство беше прекинато од ужасите на војната.

Од друга страна – во самиот корен на создавањето на медиумите во кои работам е анти-воениот активизам – од Monitor, преку весниците, телевизијата, порталот Vijesti и Центарот за истражувачко новинарство – основачите секогаш го креваа гласот против неправдата и агресијата на моќните. Сето тоа влијаеше да ја напишам песната, речиси во еден здив, додека со колешките и колегите ја подготвувавме акцијата за помош на децата од Украина…“

Песната „Вратите нам снове“ била премиерно изведена на Меѓународниот фестивал за детски песни „Златна пахуља“ („Златна снегулка“) во Рожаје.

Фестивалот по 29. пат бил одржан на 4 и 5 март, при што првата вечер била посветена на домашни, додека на втората, интернационална вечер настапиле и деца изведувачи од регионот.

„Вијести“ ја користат за промоција на хуманитарни акции за помош на Украина, од кои прва била донаторската вечер во Подгорица на 10 март, преку која биле собрани 10.000 евра.

Слична акција, на барање на локалното население е организирана и во Бијело Поље на 23 март, со цел да се помогне на украинските бегалци сместени во тој град кои се пристигнати по руската инвазија на нивната земја. Во тамошниот хотел „Бијела рада“ се сместени 14 семејства со 36 членови кои се заблагодариле на локалните граѓани и бизниси за иницијативата.