Четврти ден по ред дишеме смог, дождот не го прочисти воздухот

Највисоки концентрации на ПМ-10 честички во воздухот утрово во 8 часот се измерени во Прилеп, и тоа 131,3 микрограми на метар кубен. Веднаш потоа следи Скопје

Скопје, 22 декември 2023 година; Фото: Мета.мк

Високото ниво на загадување на воздухот продолжува низ целата земја. И покрај врнежите од дожд, квалитетот на воздухот што го дишеме и утрово е на незадоволително ниво. Во Струмица и Кичево и понатаму на сила се препораките и мерките против аерозагадувањето поради надминатиот праг на алармирање поради присуство на ПМ-10 честички во воздухот од над 150 микрограми на метар кубен, додека во другите градови има препораки до граѓаните поради концентрациите на овие загадувачки супстанции од над 100 микрограми на метар кубен.

Стапуваат на сила препораките и мерките за надминат праг на алармирање на ПМ 10 честички во Кичево и Струмица

Највисоки концентрации на ПМ-10 честички во воздухот утрово во 8 часот се измерени во Прилеп, и тоа 131,3 микрограми на метар кубен. Веднаш потоа следи Скопје, при што најголеми концентрации на овие загадувачки честички утрово се измерени на мерната станица Центар – 107,6 микрограми на метар кубен, или двојно над максимално дозволената граница. Во Лисиче утрово се измерени ПМ-10 честички во воздухот 91,9 µg/m3, додека во Карпош 97,7 µg/m3, покажуваат податоците на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух на Министерството за животна средина.

ПМ-10 честичките претставуваат опасност за човечкиот организам, бидејќи станува збор за честички со дијаметар помал од 10 микрометри, кои влегуваат во горниот дел од респираторниот систем.

Вчерашното аерозагадување во Скопје со ПМ-10 честички беше особено загрижувачко на мерната станица Лисиче, каде за 21 декември се измерени среднодневни концентрации на ПМ-10 од дури 211,8 микрограми на метар кубен, додека еден ден претходно присуството на овие загадувачки честички изнесувало 233,2 микрограми на метар кубен. Колку за потсетување, дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.

Она што најмногу загрижува за квалитетот на воздухот се концентрациите на уште поситните честички – ПМ-2.5, чијшто аеродинамички дијаметар од под 2,5 микрометри овозможува истите да навлезат дури до бронхиолите и алвеолите во белите дробови.

Утрово во 8 часот, на мерната станица во Ѓорче Петров се измерени концентрации на ПМ-2.5 честички од 71,2 микрограми на метар кубен, додека во Лисиче присуството на овие загадувачки честички изнесувало 66,8 микрограми на метар кубен. Високи концентрации над дозволените граници се регистрирани утрово и на мерните станици во Струмица, Битола, Кавадарци, Кичево, Тетово и Велес. Треба да се посочи дека максимално дозволените среднодневни вредности на ПМ-2.5 треба да бидат до 25 микрограми на метар кубен.

Она што најмногу загрижува за квалитетот на воздухот е што високото ниво на загадување се повторува веќе четврти ден по ред, односно граѓаните подолго време се изложени на високи концентрации на загадувачки честички кои ги надминуваат и за неколку пати дозволените граници.

Аерозагадувањето денеска постана тема на препукување и меѓу водечките политички партии во земјава. Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за тоа кој треба да преземе мерки за решавање на овој горлив проблем.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта не презела ништо во изминативе седум години за да го реши проблемот со аерозагадувањето. Тие велат дека СДСМ со прст не мрднале, додавајќи дека со загадувањето на воздухот треба да се чисти со заеднички напори на централната и локалната власт.

Од СДСМ денеска пак го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека нивните градоначалници во Скопје не преземаат ништо против аерозагадувањето.

„Додека граѓаните дишат отровен воздух, полн со ПМ10 честички, градоначалниците на ДПМНЕ не преземаат ништо. Нема мерки ни за намалување на тековното загадување, а камо ли долгорочни решенија за справување со загадувањето во Скопје“, стои во соопштението на СДСМ.