fbpx

Четворица обвинети за набавката на двокатните автобуси на ЈСП, меѓу кои Јанакиески и Јанушев

-

По спроведената истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица во однос на набавката на двокатните автобуси за ЈСП-Скопје во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу обвинетите, се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој тогаш беше директор на ЈСП.

„При спроведување на постапка за јавна набавка, обвинетите како соизвршители ја искористиле својата службена положба и овластување и спротивно на Законот за јавни набавки, прибавиле корист за економскиот оператор од Р.Кина на начин што незаконски го фаворизирале и со него склучиле договор за набавка на 202 двокатни автобуси. Со извршените дејствија нанеле штета на Буџетот на РМ во износ од 293.773.226,00 денари или 4.772.920 евра“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Тие велат дека по три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отварање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуси од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот  М.Ј.(43), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отварањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000 како што било пропишано во тендерската документација.

„Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р.Бугарија била за 4.772.920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него“, велат од ОЈО.

Од Обвинителството додаваат дека првообвинетиот иако знаел за недостатоците на избраната понуда, наместо да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти, тој донел Решение за избор на најповолна понуда и склучил Договор за купопродажба на автобуси на износ од 35.425.410,00 евра. Со дејствијата опишани во Обвинителниот акт обвинетите сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување предвидени и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 и член 22 од Кривичниот законик.​

Со реакција на обвинението, денеска се јавија од ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека истото претставува политичка хајка за дефокусирање од вистинските теми важни за граѓаните. Од опозициската партија велат дека на власта ѝ пречи набавката на нови автобуси, но не им пречи истите да ги користат и фотографираат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...