Осум македонски спортисти ќе учествуваат на Летните олимписки игри во Токио

Photo by Bryan Turner on Unsplash

Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска го претстави тимот од осум спортисти што ќе ја претставуваат Северна Македонија на Летните олимписки игри што ќе се одржат во Токио од 23 јули до 8 август.

Нашата земја во Токио ќе биде претставувана од спортистите: Дејан Георгиевски (таеквондо), Миа Блажевска Еминова и Филип Дерковски (пливање), Јован Стојкоски (атлетика), Арбреша Реџепи (џудо), Борјан Бранковски (стрелаштво), Пуликсенија Јовановска (карате) и Магомедгаџи Нуров (борење).

Дејан Георгиевски ќе биде знаменосец од машките спортисти, додека во женска категорија тоа ќе биде Арбреша Реџепи.

Токму Георгиевски денеска беше оптимистички настроен, најавувајќи дека може да им донесе радост на граѓаните со освојување на олимписки медал.

„Мојата цел не е само да учествувам на Олимпијадата, тука да освојам медал. Јас во Токио ќе бидам еден од најдобрите 16 таеквондисти. Повеќето од противниците веќе ги имам победувано и верувам дека ќе можам да се вратам со медал, и тоа не со било каков туку со златниот“, вели Георгиевски.

Инаку, Летните олимписки игри во Токио требаше да се одржат минатото лето, но за првпат во својата историја мораше да се одложат поради епидемија. Отворањето на најзначајниот спортски настан на Земјината топка ќе биде на 23 јули.