Честитки од претседателот, спикерот и премиерот: Велигден како празник на надежта ги исполнува срцата со топлина

Image by Ranya from Pixabay

Најголемиот христијански празник Велигден – Воскресение Христово – на православните верници, припадниците на Евангелско – методистичката црква и на останатите христијански деноминации во земјава што го одбележуваат Празникот над празниците со Православната црква во светот им го честитаа претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

„Посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов. Велигден како празник на надежта ги исполнува срцата со топлина, а мислите со оптимизам и верба. Да шириме љубов и добра мисла и да му се радуваме на животот. Нека постојано со нас биде присутна дарежливоста, добродушноста и искреноста. Како што Христијанството би било празно без христовото воскресение така би биле празни и нашите животи без љубов, сочувство, морал, споделување и благодарност. После повеќе од една година живот во пандемија која го загрозува здравјето и предизвикува економска пустош се наѕира крај на голготата со која се соочува целото човештво. До завршувањето со имунизацијата да бидеме совесни и одговорни“, порача шефот на државата, Пендаровски.

Овој празник да донесе нова силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата и колективно здравје на сите граѓани, порача во својата честитка претседателот на Собранието.

„Упатувам искрени желби за добро здравје, лична и семејна среќа, лични и колективни успеси и радости. Големите празници се секогаш добра можност да се потсетиме на работите кои вистински ни го радуваат срцето, да ја засилиме вербата и надежта која треба да ја имаме за да ги надминеме предизвиците пред нас. Во овие години на пандемија се соочивме со особено голем предизвик, а тоа е нашето здравје и здравјето на нашите драги и блиски луѓе. Осознавме што значи и колку е болно од ден на ден да заминуваат во вечноста блиски и далечни, познати и непознати луѓе. Нека празникот донесе нова, силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата, закрепнување на економијата и колективно здравје на сите наши граѓани. Да запомниме дека здравјето е меѓу оние вредности на животот кои се од најголемо значење, кои се незаменливи и универзални за сите нас, без оглед на разликите што не карактеризираат“, порача спикерот Џафери.

Премиерот Зоран Заев посочи на денешниот празник, на кој „ја славиме победата над смртта, нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност да понесеме одговорност за доброто на сите во нашата заедница“.

И оваа година еден од најсветлите празници – Велигден го дочекуваме во специфични услови и со ограничувањата кои ги донесе пандемијата. Во овие предизвици не сме сами – целиот свет се уште е во состојба на криза или вонредност поради опасниот вирус.

Празникот на спасението, кој го означува крајот на Христовите страдања и со кој ја славиме победата над смртта, нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност да понесеме одговорност за доброто на сите во нашата заедница. Да се заштитиме себеси и здравјето на блиските.

Саможртвата на Христос е подвиг од љубов, посветен на нас луѓето. Бог ни се даде како пример. И токму овие светли празници секој од нас прави личен подвиг пред искушенијата – секој од нас трезвено и воздржано внимава на заштитата на здравјето односно на предизвикот што го наметна оваа глобална здравствено-економска криза.

Во овој период на пандемија, да празнуваме како одговорни граѓани, а Велигден, како празник на надежта, да донесе благосостојба, радост и сплотеност во нашите домови. Опкружени со љубов, но и со надеж за подобрите денови кои доаѓаат, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби, без омраза, без конфликти“, се вели во честитката на премиерот Заев.

Честитки до граѓаните упатија и политички партии.