Централната лабораторија за животна средина и годинава нема да мери загадување на воздухот

Државна лабораторија | Фото: Мета.мк

Каков е квалитетот на воздухот што го дишеме, дали постои загадување од некој индустриски капацитет или кои се полутантите кои се присутни во воздухот во моментот и годинава ќе се испитува само во приватни лаборатории. Централната лабораторија, која е дел од Министерството за животна средина, дури идната година ќе се акредитира за мерење на загадувањето на воздухот.

Минатата година Министерството набави нов инструмент за мерење на емисии на гасови од стационарни извори за потребите на лабораторијата. Се работи за преносен анализатор за мерење на концентрација на гасови, кој ќе мери присуство на азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглероден моноксид и диоксид и кислород во отпадните гасови од стационирани извори. Сепак, од Министерството информираат дека, за да може оваа институција да продолжи со постапката за акредитација за методите за воздух, ќе мора да вработи уште тројца нови вработени.

„Централната Лабораторија за животна средина на 2 февруари годинава имаше проверка на акредитираните методи како и проширување за пет нови методи за вода. Што се однесува до параметрите за водух истите се планираат да се акредитираат на почетокот на наредната година“, велат од Министерството.

Централната лабораторија има сертификат за системот за квалитет според стандардот ISO 17025 за акредитирана лабораторија, а во 2020 година го заврши процесот на акредитација за шест методи за квалитет на вода и една методa за бучава. Минатата година беше најавено дека лабораторијата ќе се сертифицира и за повеќе од една метода за мерење на загадувањето на воздухот, заради што, беше набавен и новиот инструмент кој ги исполнува барањата на стандардот.

Претходно, за потребите на лабораторијата, набавен беше уште еден инструмент, кој ќе се користи за детекција и анализа на Black carbon во фракции на PM10 и PM2.5. Со него ќе може да се прави анализа на концентрации на тешки метали во фракциите на PM10 честичките, за да се утврдат главните сектори на загадувањето, индустријата, транспортот или домаќинствата.

Оспособувањето на државната лабораторија да мери загадување на воздухот е долгогодишно барање на еколошките организации од земјава. Лабораторијата постои повеќе од четири децении, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година. Сепак, нејзините мерења на разни параметри на загадувањето досега не можеа да се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите и таа досега не беше во функција на инспекцијата за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување.

Инспекторите, во вршењето на контролите на потенцијалните загадувачи најчесто мора да се потпираат на информациите кои им ги даваат индустриските капацитети од мерењата кои самите ги вршат. Оваа практика неодамна беше спомната и во регионална Студија изработена од Центарот за животна средина од Бања Лука, каде се нотира дека во земјава има случаи кога виталните информации, како што се на пример мерењата на концентрациите на емисии во воздухот од индустриските капацитети, ги чуваат приватни субјекти, кои што не се опфатени во обврските предвидени со законите, па јавноста тешко доаѓа до нив или може да се сомнева во нивната вистина.