Британска студија: Аерозагадувањето го зголемува ризикот од потешки ментални заболувања

Лондон, Велика Британија; Photo by Sandra Ahn Mode on Unsplash

Најново истражување спроведено во Велика Британија покажува дека и малото зголемување на изложеноста на аерозагадување може да доведе до поголем ризик од медицински третман, пишува весникот „Гардијан“. Станува збор за една од најсеопфатните студии од овој вид, а која што го поврзува аерозагадувањето со предизвикувањето на потешки ментални заболувања.

Ова истражување извршено на над 13.000 луѓе во Лондон открило дека релативно благото зголемување на изложеноста на азот оксидот (NO2) довело до 32-отстотно зголемување на ризикот за неопходно лекување во медицинска установа, но и пораст од 18 отсто на ризикот за примање во болница.

Научниците што ја спровеле оваа британска студија за Лондон велат дека наодите најверојатно истите ќе се однесуваат и на луѓето кои живеат во повеќето градови од развиените земји, при што намалувањето на загадувањето на воздухот може да биде од корист за милиони луѓе.

Притоа, истражувачите од Универзитетот во Бристол додаваат дека со интервентни мерки на властите, кои ќе водат кон намалување на концентрациите на само една штетна материја во воздухот, може да се намали нивото на ментални болести кај населението и да се заштедат средства во износ од десетици милиони фунти од Здравствениот фонд на Велика Британија.

Научниот труд е објавен во списанието British Journal of Psychiatry и е заснован на следењето на пациенти од јужен Лондон, и тоа од нивниот првичен контакт со медицинските установи за ментално здравје. Притоа, користени биле и проценки за нивото на аерозагадување во нивните домови. Истражувачите откриле дека луѓето изложени на 15 микрограми на метар кубен азот диоксид во воздухот имале 18 отсто поголем ризик да бидат примени во болница и 32 отсто поголем ризик да имаат потреба од амбулантско лекување по една година.

Научниците ја истражиле поврзаноста меѓу штетните материи во воздухот и предизвикувањето на ментални болести, но врската меѓу нив била најсилна за азотниот диоксид, која во голема мера се испушта во воздухот од дизел возилата и патниот сообраќај.

Весникот „Гардијан“ потсетува и на други неодамнешни истражувања, кои покажале дека малите зголемувања на аерозагадувањето се поврзани со значително зголемување на депресијата и анксиозноста кај граѓаните изложени на нечист воздух. Исто така, дел од нив го поврзуваат аерозагадувањето со зголемените самоубиства. Други истражувања откриле дека загадувањето на воздухот предизвикува „огромно“ намалување на интелигенцијата и е поврзано со деменција, пишува „Гардијан“.