Белчишко Блато е дом на стотици видови птици, растенија и цицачи и потенцијално Натура 2000 подрачје

На Белчишко Блато беа одбележани Денот на Натура 2000, најголемата мрежа на заштитени области во светот, која покрива една петина од територијата на Европа и Светскиот ден на биолошката разновидност

Фото: МЖСПП

Мочуриштето Белчишко Блато е дом на 85 видови птици, или една третина од вкупниот број видови во земјава, 224 растителни видови, како и 33 видови цицачи или 37 отсто од вкупниот број во земјата, меѓу кои и видрата. Денеска овде беа одбележани Денот на Натура 2000, најголемата мрежа на заштитени области во светот, која покрива една петина од територијата на Европа и Светскиот ден на биолошката разновидност.

Белчишко Блато е дел од Емералд мрежата и во моментов во тек е изготвување на закон со кој ќе биде ставено под строга заштита како Парк на природата. Тоа е блатен екосистем, кој се напојува со вода од повеќе од десет видливи карстни извори, познати како „Сини Вирови“ и е потенцијално Натура 2000 подрачје, со што ќе влезе и во Европската кохерентна мрежа.

Настанот го отвори министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која во своето обраќање се заблагодари за подршката што нашата држава ја добива од страна на ЕУ во заштитата на природата и додаде дека разбирањето на важноста на природните екосистеми и биолошката разновидност е клучно за градење на здрава држава и одржлив развој.

„Заради исклучителните и уникатни природни вредности Владата на Република Северна Македонија на предлог на МЖСПП донесе одлука за прогласување на Белишко Блато за заштитено подрачје во категорија Парк на природа, со што и на национално ниво обезбедуваме одржливо управување и заштита на овој уникатен природен систем“, истакна Шукова.

Белчишко Блато се наоѓа во подножјето на Илинска планина, на надморска височина од околу 760 метри. Специфично е поради различните типови на мочуришни живеалишта, особено поплавената евлова шума.

Според шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир, Натура 2000 е најголемата координирана мрежа на заштитени подрачја во светот. Таа има за цел да обезбеди долгорочен опстанок на највредните и загрозени европски видови и живеалишта, истовремено обезбедувајќи безбедно засолниште за безброј други животни, растенија и диви животни.

„Северна Македонија има прекрасно богат и разновиден биодиверзитет кој мора да се чува за генерациите што доаѓаат. Белчишко Блато е синиот скапоцен камен во круната. ЕУ ја поддржува заштитата на оваа прекрасна локација и бара да се осигура дека ќе стане дел од идната мрежа Натура 2000 во земјата“, рече Гир.