На Осогово одбележан Денот на Натура 2000

Фото: Министерство за животна средина

Делови од Малешево заедно со Долна Брегалница и Овче Поле се потенцијални подрачја за Натура 2000, беше истакнато на одбележувањето на 21 Мај, Денот на Европската директива за живеалишта. Настанот се одржа во туристичкиот инфо-центар на Пониква, Осоговски Планини, локалитет кој е едно од потенцијалните заштитени подрачја кои ќе бидат дел од мрежата НАТУРА 2000. Концептот за Натура 2000 во руралните средини отвора нови можности, преку развој на еко-туризмот, одржливото земјоделство и користењето на природните ресурси на начин кој не ја загрозува природата.

Во присуство на претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, градоначалникот на општина Кочани Љупчо Папазов, претставници од компанијата „Фармахем“, Македонското еколошко друштво (МЕД), Швајцарската агенција за развој и соработка, како и локални чинители, државниот секретар во Министерството за животна средина и претседателка на управниот одбор на Програмата за зачувување на природата, Каја Шукова истакна дека преку Програмата пополнети се стандардните формулари за Натура 2000 за Малешево, Долна Брегалница и Овче Поле, изработен е промотивен материјал и кампања со локалните чинители и идентификувани се живеалишта, растенија, животни и птици од ЕУ значење.

„Активностите на Министерството продолжуваат и оваа година, со мониторинг на животинските и растителни видови и нивните живеалишта и изработка на Планови за управување со идентификуваните Натура 2000 подрачја“, посочи Шукова.

За градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов, овој настан ќе придонесе за промоција на природните богатства кои ги поседуваат Осоговските Планини, за применување одржливи практики во земјоделството и шумарството и кон унапредување на можностите и развој на екотуризмот.

Иако досега во земјава се идентификувани дванаесетина потенцијални НАТУРА 2000 подрачја кои зафаќаат околу 4,5 отсто од територијата на државата, заради богатиот биодиверзитет во нашата земја нивниот број и површина ќе бидат далеку поголеми. Според извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска, ако се направи споредба со Националната Емералд мрежа, која има 35 подрачја кои зафаќаат околу 29 отсто од површината, која е некој вид претходница за земјите кои се спремаат за членство во ЕУ, бројот и површината на идните Натура 2000 подрачја ќе биде далеку поголем.

На Осоговските Планини се среќаваат околу 185 меѓународно значајни видови, според светската црвена листа на загрозени видови, или според директивите на Европската Унија за птици и живеалишта, Бернската и Бонската конвенција, а 10 видови се „осоговски ендемити“ т.е. видови кои единствено живеат на Осоговските Планини. Дел од овие значајни видови може да послужат за идентификување и воспоставување на Натура 2000 подрачја, што, според помошник директорот на ЈП „Национални шуми“, Маре Басова е од огромно значење за јавното претпријатие како управувач со заштитеното подрачје Осоговски Планини.