Бектеши: Финансиска поддршка за малите претпријатија ќе има и догодина

Министерството за економија, во рамки на годишната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво, годинава поддржало 89 претпријатија, 23 занаетчии и 30 проекти на фондации, кои ги исполниле условите.

На манифестацијата „Претприемач на годината“, министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека и догодина претприемачите ќе може да добијат поголем финансиски стимул за реализација на своите бизнис активности.

– Значењето на малите и средните претпријатија (МСП) и нивната значајна улога во генерирањето на економски раст и креирањето на нови работни места е широко препознаена и призната, па во ЕУ-стратегијата за пораст „Европа 2020“, како посебна иницијатива се издвојува поддршката на претприемништвото – рече Бектеши.

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Северозападна Македонија, Неби Хоџа во своето обраќање истакна дека, младите во земјава се соочуваат со административни и професионални бариери при регистирањето на компании.

– Тоа резултира со помал број барања за отворање биниси. Затоа треба да се промени перцепцијата дека бизнисот е тежок и проблематичен –  рече Хоџа.

Помеѓу наградените компании на манифестацијата „Претприемач на годината“ која се одржува по 11. пат, се  „Линк шпед“ од Тетово, „Аерус“ од Пробиштип, „Силотер“ од Струмица.