„Базфид“ е првиот медиум што ќе го користи ChatGPT за креирање содржини

Фото: Marvin Meyer on Unsplash

Онлајн медиумот „Базфид“ е првиот што објави дека ќе го користи четботот за генерирање текстуална содржина ChatGPT при нивното работење, пренесува Си-ен-ен. Извршниот директор Џон Перети ја споделил информацијата со вработените, напоменувајќи дека во 2023 година медиумот ќе го започне користењето на оваа алатка.

Тој образложил дека новата технологија ќе се користи за создавање на квизови, за помагање при осмислувањето на нови идеи за содржини и за асистирање во персонализирање на содржината на читателите на „Базфид“. Сепак, овој онлајн медиум засега нема да ја користи ChatGPT за помош при пишувањето на новинарски текстови.

Перети додава дека напредокот на вештачката интелигенција отвора нова ера на креативност, од која бенефит ќе може да имаат заеднички публиката и креаторите.

Истовремено, онлајн медиумот „СиНет“ неодамна започна да користи алатки за генерирање содржини со помош на вештачка интелигенција за да им помогнат во пишувањето на новинарски стории. Сепак, процесот не одеше според планираното, па така на неколку текстови им биле неопходни корекции, по што главниот и одговорен уредник им се извини на читателите, но и додаде дека ќе продолжат со користењето на вештачката интелигенција во нивното работење.