Штип | Фото: Викимедија комонс

Семејството на покојниот новинар и општински портпарол Драган Ристов од Општината Штип ќе добие само 3.000 денари помош, иако сметката за лекувањето во приватна болница е над 20.000 евра. Така вчера одлучи Советот на општина Штип и покрај тоа што некои од советниците најавија дека сами дополнително ќе донираат свои средства. Ристов почина на петти март, а неговото семејство сè уште собира донации за да ја плати болничката сметка.

Општина Штип со години работи по донесен правилник, според кој максималната сума одобрена за лекување е 3.000 денари. Советникот Иван Бојаџиски рече дека тоа е повеќе од смешна сума за Штип – некогашниот град на солидарноста.

„На минатата седница одобривме 10.000 денари за семејство на кое му изгоре домот. Тогаш реков, сега ќе повторам, на тоа семјество сè му изгорело што создавало во животот. Немаат ни сопствени перници за спиење, а ние одобруваме смешни износи како помош. Истото е и со нашите граѓани на кои им треба лекување, кога им се потребни огномни суми на пари, а ние одобруваме само 3.000 денари“, кажа советникот Бојаџиски.
Советниците предложија да се направат измени во правилникот врз основа на кој се доделуваат средства. Општинските служби, како што беше предложено, ќе изработат нов нацрт-правилник, и на една од наредните седници тој треба да биде усвоен.
Колкава ќе биде помошта од Советот и од Општината Штип за семејството на починатиот новинар, ќе се договорат координаторите на советничките групи.

Од прогласувањето на пандемијата, во Штип повеќе пати беа организирани собирни акции за помош на болни од ковид-19, кои за лекувањето во приватни болници семејствата повикуваа на граѓанска солидарност. Двајца штипјани починаа пред да се соберат потребните пари.    

Штип од пред три години формираше Солидарен фонд, меѓутоа, Управниот одбор првата седница по подолго време ја имаше во јануари годинава. На оваа средба беа повикани да се приклучат компании, институции и организациии и поединци, во функција на помош на оние на кои им е најпотребна.

Според Статутот на Солидарниот фонд, парите се уплаќаат на доброволна основа, а ќе одат на сметка на Фондот чиј директор е Никола Тушев, вработен во локалната администрација. Градоначалникот Сашко Николов е претседател на Управниот одбор, во кој членуваат и советникот Иван Бојаџиски како негов заменик, и советничките д-р Биљана Ефтимова и д-р Данче Рамбабова, Борис Шарковски од невладината Фондација за развој на локалната заедница, Емилија Ефремова, раководителка на Фондот за Здравствено осигурување и Алакесандар Патраклиски, стопанственик од ЕАМ.

Управниот одбор најавува транспарентност во работењето, при што донаторите, граѓаните, фирмите и институциите најмалку два пати во текот на една календарска година ќе добиваат информации за состојбата со средствата на сметката на Фондот како и за секој потрошен денар.