fbpx

Ангеловска-Бежоска: Поради родовата нееднаквост, годишно губиме околу 18% од БДП

Со подобрувањата во овој сегмент, БДП може да се зголеми и до 10 проценти во развиените економии, а дури и до 30 проценти во земјите во развој, рече гувернерката

-

Земјите од регионот на Западен Балкан секоја година губат околу 18 отсто од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснуваат со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел се должи на разликите во изборот на занимања помеѓу мажите и жените. Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, повикувајќи се на студија на Светската банка, во своето излагање на панел-дискусијата на тема „Улогата и позицијата на жената во бизнис-светот, предности, предизвици и можности“, во организација на Амбасадата на Словенија во земјава.

Ангеловска-Бежоска истакна дека позитивниот ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот не би произлегол само од зголемувањето на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, кои можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на труд, како што се внимателноста во однос на ризиците, прагматичноста и емпатијата.

„Со подобрувањата во овој сегмент БДП може да се зголеми и до 10% во развиените економии, а дури и до 30% во земјите во развој“, рече Ангеловска-Бежоска.

Наведувајќи податоци за ефектите од пандемијата и останатите кризи по неа, гувернерката посочи на непропорционалното влијание врз различни економски и општествени сегменти од последователните кризи.

На почетокот на 2021 година, рече таа, влошувањето кај стапката на вработеност кај жените во споредба со периодот пред пандемијата е значително поголемо во земјите во развој, отколку во развиените економии, што дополнително го продлабочило родовиот јаз во глобални рамки.

„Ист е и случајот со регионот на Западен Балкан, каде што се забележува посилен пад кај стапката на активност кај жените, којашто се сведе на 41,5% во просек за регионот, во споредба со 61,8% кај мажите. Состојбата во 2022 година се подобрува, малку поизразено кај жените во споредба со подобрувањето кај мажите, но кај нас и во Косово стапките на активност на жените сѐ уште се под нивото од пред пандемијата. Во регионот постои и значителен родов јаз во платите, во интервал од 7 до 16%, којшто кај дел од земјите бележи и тренд на проширување“, истакна Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката наведе дека една од причините за понеповолното влијание на пандемијата врз активноста и доходот кај жените во споредба со мажите е што таа силно го погоди услужниот сектор, особено во сегментите коишто се потпираат на социјалната интеракција, како и неформалната економија, каде што присуството на жените е поголемо.

Покрај ова, рече дека во одредени студии се укажува оти пандемијата уште повеќе ги зголемила и предизвиците на жената во поглед на работното место, па така една од четири жени размислува да се откаже од кариерните планови или да го напушти работното место. Исто така, пониската вработеност и понискиот доход влијаат неповолно и врз пристапот до финансирање кај жените, а со тоа и врз можностите за развојот на претприемаштвото кај жените. Ова е делумно одраз и на пониската финансиска писменост на жената.

Панел-дискусијата на тема „Улогата и позицијата на жената во бизнис-светот, предности, предизвици и можности“ вчеравечер ја организираше Амбасадата на Република Словенија во земјава, каде свои обраќања, покрај гувернерката на Народната банка, имаа словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, директорката на Националната галерија Дита Старова – Ќерими, Филомена Пљаковска Аспровска од КаСис АД Скопје и уредничката на Блумберг Адрија Дигитал, Александра Томиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Србин измамен во центарот на Скопје, одземени му биле 300 евра

С.А.(63) од Србија вчера во полициска станица пријавил дека бил измамен од две лица од кои бил пресретнат околу 10.30 часот на подрачјето на Центар, информира МВР. Според пријавеното, едното...