Ана Петровска разрешена од Државниот инспекторат за животна средина, бурни реакции од граѓанските организации

Фото: Мета.мк

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска денеска е разрешена од функцијата. На денешната седница на Владата на нејзиното место е именуван Сретен Стојковски, кој доаѓа од Министерството за животна средина.

Петровска, како кадар на партијата ДОМ, на позицијата во Инспекторатот дојде во октомври лани, од Министерството за животна средина, каде што од 2018 година ја обавуваше функцијата државен секретар.

Именувањето на Петровска за директор на Државниот инспекторат забележително влијаеше на ефикасноста и транспарентноста на институцијата. Таа, денеска, на прес конференција посветена токму на резултатите од работењето на Инспекторатот во првата половина од годината, не сакаше да ги коментира најавите за нејзина смена. Попладнево, пак, Петровска за „Мета.мк“, потврди дека е информирана за нејзината смена.

„Имав одредени сознанија, но сакав да почекам додека одлуката стане официјална. Се заблагодарувам на Владата за довербата што ми беше укажана оваа нецела година. Имаше доста предизвици, ова беше за мене големо учење, некои проблеми ги решивме, некои останаа да се решат. Јас останувам во секторот, продолжувам да работам на подобрување на животната средина и да придонесувам колку што можам за јавниот интерес“, вели Петровска.

Таа најави дека се враќа на своето работно место во Министерството за животна средина како помошник раководител на Секторот за отпад.

Во јавноста веќе се шпекулираат причините за разрешувањето на Петровска, а меѓу погласните се недоразбирањата со лидерката на партијата ДОМ, Маја Морачанин. Имено, Петровска и поранешниот пратеник од оваа партија, Мирослав Богдановски во мај годинава беа разрешени од потпретседателските места со образложение за нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес.

Поддршка за разрешената директорка денеска дојдоа и од еколошките граѓански организации. Од струмичката организација „Здрава котлина“ го потсетуваат премиерот Зоран Заев каков капацитет, интегритет и углед има Петровска, но и колку значаен е нејзиниот придонес во успехот на Владата.

„Не си пукајте во нозете пред избори, заради хир на коалиционен партнер и позадинско лоби на еколошки загадувачи. Византиските игри не смеат да бидат на штета на граѓаните и ваква смена ќе биде директно на штета на сите нас. Јавноста одлично гледа, разбира и ќе реагира соодветно. Како ќе им објасните на Европските Зелени дека го сменивте најуспешниот службеник што ја имаше поддршката на целата јавност? Ако се дрзнете да ја смените Ана Петровска заради некакви внатрепартиски глупости да знаете дека целосно ќе ја изгубите довербата од зелената јавност и организации. Размислете добро што правите и не навлекувајте дополнителен револт од граѓаните. Дозволете и поддржете ја Ана Петровска да си ја заврши работата што одлично ја прави за сите нас“, пишуваат од „Здрава котлина“.

Од „О2 Иницијатива“, пак, сметаат дека нема легитимна причина за смената на Петровска.

„Не може да менувате луѓе поради уцени на пратеници кои имаат внатрепартиски проблеми, ако тоа е навистина причината! Кога ќе дозволите стручни луѓе да си ја вршат работата со интегритет и професионално!? Директорката на ДИЖС, Ана Петровска, направи огромна промена во делувањето на овој инаку заспан и затворен инспекторат, каде директорите обично биле послушници и корумпирани личности. И сега, ја менувате поради еден глас во Собранието!? Ова не може да биде вистинската причина. Дали вистинската причина е тоа што не ви одговара зошто постапува според законските обврски, врши инспекции каде треба и ги мати бизнисите на тие кои според вас не треба да ги чепка? НЕ за смената на Ана Петровска од директор на ДИЖС!“, пишуваат од О2 Иницијатива.