fbpx

Америка не ѝ ветила на Русија дека НАТО нема да се проширува

Зоелик додава дека кога претходните напади на Путин на Крим и источните региони на земјата не ја спречија наклонетоста на Украина кон Западот, рускиот лидер верувал дека нема да има друг избор, освен да изврши инвазија

-

Нема договор потпишан од САД, Европа и Русија дека НАТО нема да се проширува. Идејата дека НАТО ќе се прошири подалеку од Германија не беше на агендата во 1989 година, затоа што постоеше Варшавскиот пакт. Ова е потврдено од Михаил Горбачов во интервју во 2014 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Џефри Сакс за кризата во Украина. САД ја поставија основата за специјална операција долго пред да биде избран Путин. 
„Американскиот претседател пред 30 години му вети на Михаил Горбачов дека НАТО нема да се помести ни трошка на исток… За жал, веќе во раните 90-ти почнаа да планираат проширување на НАТО во самата Украина. Според мене, ова е најголемата грешка што ја направија Соединетите држави“, изјави американскиот економист и професор на Универзитетот Колумбија, Џефри Сакс на својот канал на Јутјуб. Сакс призна дека оваа акција ја поткопа довербата меѓу Вашингтон и Москва и дека тоа е причина за конфликтот во Украина. „Сето ова започна многу пред претседателството на Путин. Основата беше верувањето на Америка во концептот на униполарен свет. Ова верување беше погрешно, опасно и провокативно“.
Наспроти изнесеното во постот кој го рецензираме, НАТО на својата страница официјално ова го квалификува како невистина, односно како мит.
Според наведеното на сајтот на НАТО никогаш не бил склучен договор со кој НАТО ѝ ветува на Русија дека нема да се прошири после Студената војна. Вратата на НАТО е отворена за нови членови откако е основана алијансата во 1949 година и тоа никогаш се нема променето.
Политиката на отворена врата ја има во членот 10 од договорот за основање на НАТО, каде се наведува дека било која друга европска држава, која може да ги зајакне принципите на договорот и да придонесе за безбедноста на НАТО, може да пристапи кон членство. Одлуките за членството се со консензус меѓу членовите.
Нема договор потпишан од САД, Европа и Русија дека НАТО нема да се проширува. Идејата дека НАТО ќе се прошири подалеку од Германија не беше на агендата во 1989 година, затоа што постоеше Варшавскиот пакт. Ова е потврдено од Михаил Горбачов во интервју во 2014 година.
Темата за експанзија на НАТО не беше дискутирана воопшто, ниту, пак, беше тема во тие години. Ова го тврдам со целосна одговорност. Ниту една земја од источна Европа не го покрена ова прашање дури и кога Варшавскиот пакт престана да постои во 1991. Западните лидери, исто така, не разговараа за ова, вели Горбачов, пишува на сајтот на НАТО.

Транскрипти од Белата Куќа кои се декласифицирани, исто така, потврдуваат дека во 1997 година, Бил Клинтон константно го одбивал предлогот на Борис Јелцин за џентлменски договор дека ниедна поранешна советска република нема да влезе во НАТО.

Не можам да се обврзувам во име на НАТО, и нема да се ставам во позиција да ставам вето на НАТО експанзија со почит кон било која држава, а уште помалку на друг да му го дозволам тоа. НАТО работи со консензус, рекол Клинтон.

Во текст објавен на гласило на Универзитетот Харвард пишува дека Роберт Зоелик, американски дипломат кој помогнал да се преговара за крајот на Студената војна, кажал дека тврдењата на Владимир Путин за Украина се дел од дезинформациска кампања. Кога претседателот Џорџ Буш седнал со советскиот претседател Михаил Горбачов да преговара за мирен крај на студената војна, во собата бил и Роберт Зоелик. За време на самитот од 1990, Зоелик вели дека претседателот Горбачов ја прифатил идејата да се обедини Германија во НАТО базирано на принципот дека секоја држава треба слободно да избере со кого ќе биде сојузник.

Бев присутен на тие состаноци и Горбачов, исто така, кажа дека нема ветување дека нема да се прошири НАТО, се сеќава Зоелик.

Советскиот министер за надворешни работи Едуард Шеварнадзе, подоцна претседател на Грузија, се согласи, вели тој.

Додава дека договорот за обединување на Германија не вклучува ограничување на проширувањето на НАТО. Тие факти поткопаа едно од оправдувањата на рускиот претседател Владимир Путин за инвазијата врз Украина, дека наводно САД се согласиле дека поранешните држави од Варшавскиот пакт никогаш нема да станат дел од северноатлантскиот безбедносен сојуз.

 

Реалноста беше дека во 1990 година повеќето луѓе, а секако и советите, не се фокусираа на тоа дали источноевропските земји ќе станат дел од НАТО. Познавајќи ја советската и руската дипломатија, Москва би барала писмени гаранции доколку верувале дека САД дале такво ветување, вели тој. Па дури и во 1996 година кога претседател беше Бил Клинтон, ги поздрави поранешните земји од Варшавскиот пакт да се приклучат кон НАТО, „еден германски дипломати ми кажа дека во преговорите со Русите, ниту еден Русин не го покрена аргументот за некакво ветување дека НАТО нема да се проширува“, вели Зоелик.

Според него, мотивот за одлуката на рускиот претседател да ја нападне Украина е тоа што Путин не ја гледа Украина како независна и суверена држава.

Тој верува дека сите во Русија, Белорусија и Украина, се, всушност, Руси и живеат во голема Русија. И мислам дека на 69-годишна возраст, Путин чувствува дека ова е прашање не само за руската историја, туку и за неговото место во руската историја, посочува Зоелик.

Зоелик додава дека кога претходните напади на Путин на Крим и источните региони на земјата не ја спречија наклонетоста на Украина кон Западот, рускиот лидер верувал дека нема да има друг избор, освен да изврши инвазија.

Тоа е неговата мотивација. И мислам дека треба да бидеме свесни. Отпорноста и решеноста на украинскиот народ да се спротивстави, беше изненадување за него и за сите други. Мислам дека на крајот нема да биде успешен, додава Зоелик.

Проверувачите на факти на Политифакт пишуваат дека ниту еден правен договор не му забранува на НАТО да се шири кон Исток.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина оти американскиот претседател пред 30 години му ветил на Михаил Горбачов дека НАТО нема да се проширува.

hubmk

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бислимовски: РЕК Битола произведува струја од сонце, ветер, вода и биомаса

За дваесет и пет месеци приклучени се нови 578,26 MW енергетски капацитети од обновливи извори кои произведуваат електрична енергија, што е доволна за просечна потрошувачка на скоро 185 илјади домаќинства, соопштија...