fbpx

Алијанса за Албанците реагира: Владата со промените во балансерот ја избриша дијаспората

Тие сметаат дека новата Влада ја донела најсериозната одлука за дијаспората, мислејќи на промените во Балансерот со што како велат, дијаспората е избришана од официјалната статистика

-

Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е во коалиција со доскоро владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ), соопшти дека со голема загриженост ги следат „политичките случувања во нашата земја, каде за кратко време новата Влада донесе некои одлуки на штета на Албанците и другите заедници“.

Тие сметаат дека новата Влада ја донела најсериозната одлука за дијаспората, мислејќи на промените во Балансерот, со што како велат, дијаспората е избришана од официјалната статистика со што сметаат дека им е ускратено правото на застапеност и да бидат дел од општата популација во државата.

„Оваа голема неправда не само што е дозволена, туку и ја спроведува и коалицијата ВЛЕН, која сега исто така учествува во ваквото одлучување“, велат од АА, мислејќи на новиот коалициски партнер од албанскиот блок.

Новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопшти дека балансерот, или таканаречената алатка за правична застапеност на малцинствата во институциите, засега останува во функција.

Но, како што објасни, тој ќе се однесува само на резидентното население односно „правичната застапеност во институциите ќе се води според процентите на етничка припадност на резидентното население во државата, а не според процентите на вкупно попишаното население, односно со вклучената дијаспора“. Тој, сепак најави укинување на оваа алатка до крајот на овој владин мандат.

Од Алијанса за Албанците реагираа дека и членовите на дијаспората се граѓани на Република Северна Македонија и имаат директен придонес во сите процеси во земјата, особено преку дознаките или парите кои што им ги праќаат на нивните роднини во земјата, и како што велат, со директни инвестиции.

„Ние сме директно поврзани со нашата татковина, во многу моменти сме директно вклучени и бараме да се врати еднаквиот третман со другите граѓани. Коалицијата вЛЕН најмногу ја злоупотреби дијаспората за предизборни цели, а сега не само што врти грб, туку сака да не направи и непостоечки“, велат од АА.

Според оваа албанска политичка партија со укинувањето на балансерот за нерезидентното населениа, „застапеноста на Албанците повеќе нема да биде 30 отсто, туку се враќа чекор назад на 25 отсто“ додавајќи дека балансерот „е еден од главните столбови на Охридскиот договор“.

Според министерот Андоновски, пак, за целосното укинување на балансерот, „е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата“, со цел да не се повреди темелниот принцип на Уставот за соодветна и правична застапеност на заедниците, а да се гарантира мериторноста на вработените.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пукање во село Батинци: Едно лице загина, неговиот брат е тешко повредено

Утринава во село Батинци, во пукотница убиен е 34-годишник, а неговиот 31-годишен брат се бори за живот на Клиничкиот центар во Скопје. Настанот бил пријавен во 09,25 часот во СВР...