Ако не сакаме нови пандемии, мора да го намалиме загадувањето на околината

Пандемијата на ковид-19 и драстичната промена на некои животни навики уште еднаш не потсети дека „новото нормално“ во светот и кај нас ќе мора да се усогласи со потребите на природата и живиот свет околу нас. Особено имајќи во предвид дека воздухот е медиумот преку кои се пренесуваат вирусите, а загадениот воздух истражувањата го поврзуваат со поголема смртност од вирусната инфекција. Загадениот воздух, но и водата и почвата, енергетиката, транспортот и отпадот се најсериозните еколошки предизвици со кои се соочуваат земјава и нејзините граѓани. Деструктивноста на животниот стил на човекот во модерната цивилизација е неодржлив начин на живот, а економскиот раст и развој е можен и во “зелени“ околности.

Еден од секторите кој е најзаслужен за загадувањето на околината е енергетиката. Македонија, со новата Стратегија за енергетика, која беше донесена во февруари годинава, преку трите сценарија трасира три различни насоки за развој и за заштита на животната околина. Две сценарија, умерено и зелено, предвидуваат укинување на употребата на јаглен до 2025 година, додека третото, референтно, го одложува затворањето на термоцентралата на лигнит во Битола до 2040 година.

„Дефинитивно, нашата земја е по многу нешта различна од развиените и индустријализирани европски и азиски држави, каде намалувањето на интензитетот на активностите поради пандемијата, а пред се намалувањето на сообраќајот и намалената или запрена работа на големите индустриски комплекси, резултираа со видливо подобрување на квалитетот на воздухот. Кај нас пак, пред се поради различната структура на загадувачи, во последните студени денови на март и почетокот на април, доживеавме епизоди на високо загадување во урбаните центри. Но, тоа секако не значи дека во нашите локални услови, современо живеење со помал еколошки отпечаток е нешто далечно или невозможно. Напротив, ние само треба да се насочиме кон решавање на нашите проблеми, без одлагања и празни дискусии. Ние сите сме веројатно дел од проблемот и сите би требало да бидеме дел од решението“, вели проф. д-р Дејан Мираковски од Факултетот за природни и технички науки на УГД-Штип.

Сето тоа, посочува тој, не мора да значи зголемен трошок, туку сосема спротивно, често е економски многу поприфатливо од старите и неефикасни решенија и пракси. Слично е и за индустријата или големите енергетски системи, кои со денешното ниво на технологии за контрола на емисиите во воздухот или водата, само може да добијат на ефикасност и профитабилност.

„Целосно решавање на проблемите поврзани со заштитата на животната средина во земјава секако ќе бара истовремена активност во сите сектори, но доколку би требало да се направи приоритет, системите за управување со отпад и поефикасно и поеколошко загревање на домаќинствата се први на листата. Целосното усогласување на големите енергетски и индустриски капацитети, но и на големиот број мали погони, со законски пропишаните нивоа на емисии, секако е активност која може и мора да се одвива паралелно бидејќи е процес кој треба да го спроведуваат самите компании, под будното око на јавноста“, вели Мираковски.

Во Скопје, најголемот удел во еколошкиот отпечаток кој се должи на транспортот, произлегува е од користењето на приватни автомобили, покажува анкетата спроведена од Градот Скопје. Повеќе од половината жители на главниот град, или 56,65 отсто користат сопствени автомобили како основно средство за превоз до секојдневните дестинации, а во многу од возилата има само едно лице. Резултат на тоа е голем сообраќаен метеж, огромно согорување и создавање на стакленички гасови меѓу кои и CO2. Решението за намалувањето на еколошкиот отпечаток, сметаат градските власти е што помало користење автомобил или споделување на возилото со колеги, соседи, пријатели…

„Возење само 1,5 километри со велосипед заштедува емисии на 290 грама јаглероден диоксид во воздухот, а секој што на работа оди со автомобил, ако само еден ден во неделата работи од дома, на годишно ниво ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид за еден тон. Исто така, ако се создаде навика да се сподели возилото, со користење на соодветна заштита во овој период, бројот на возила на улиците ќе се намали за една третина“, велат од Градот Скопје.

Ова се само дел од едноставните примери од нашето секојдневие со кои ја покажуваме нашата грижа за животната средина и еколошкиот отпечаток кој го оставаме зад нас. Не помалку важни се и прашањата дали начинот на кој се грееме го загадува нашиот дом, но и тој на соседот, дали поново и помало возило е подобар избор отколку поголемо, а постаро, дали да се отпешачи и да се понесе ѓубрето во рака до контејнер е многу тешко, наместо да се запали или фрли в река.