Фото: Архива на Мета.мк

Опозициската коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива денеска пред Уставниот суд поднесе иницијатива за проценка на законитоста на одлуката на македонската влада со која граѓаните на Србија се ослободуваат од плаќање патарина во летниот период.

Правниот претставник на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, адвокатот Абидин Абдули, откако ја поднесе иницијативата до Уставниот суд изјави дека секоја одлука на владата треба да биде во согласност со позитивните закони на земјата, но наведената одлука е во спротивност со законот за уплата на патарините и во исто време ги става во нееднаква положба странските граѓани на соседните држави, коишто транзитираат преку Северна Македонија.

„Сметаме дека оваа владина одлука е противзаконска, бидејќи во Законот за јавни патишта таксативно пишува кои возила се ослободени од плаќањето на патарина. Затоа, оценуваме дека секоја владина одлука треба да биде во согласност со законите на Република Северна Македонија“, рече тој.

Инаку, македонската влада пред неколку дена донесе одлука со која ќе издвои околу 2,8 милиони евра за набавка на 200.000 М-Смарт Кард електронски картички на сметката на Владата, кои од страна на полициските службеници ќе им бидат распределени на српските туристи при влез во земјава на граничниот премин Табановце. Со овие електронски картички надополнети со 760 денари, тие ќе можат бесплатно да патуваат во два правци долж патниот Коридор 10, во периодот од 15 јуни до 15 август годинава.