Промовирани четири младински истражувања за младинско учество, корупција, животна средина и дигитализација во образованието

Младите на истражувањата работеле изминативе дваесет месеци, под менторство на искусни истражувачи, со цел да поттикнат младинско застапување и да обезбедат основа за креирање на младински политики

фото: Мета.мк

Четири тима младински истражувачи денеска ги претставија наодите од нивните истражувања кои опфаќаат клучни теми што ги засегаат младите во земјава: младинско учество, корупција, заштита на животната средина и дигитализација во високото образование.

На истражувањата, дваесетте млади работеле изминативе дваесет месеци, под менторство на искусни истражувачи, со цел да поттикнат младинско застапување и да обезбедат основа за креирање на младински политики.

Настанот се одржа во Лабораториум во Скопје, организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

За потребите на истражувањата, младите спровеле прашалници на осум универзитети (пет државни и три приватни), 51 општина и испратиле повеќе од сто барања за пристап до информации од јавен карактер.

„Младите најдобро ги препознаваат слабостите во општеството затоа што директно се инволвирани во социјалниот живот. Она што е потребно е да ги слушнеме, разбереме и поддржиме. Заедно да работиме на унапредување на стандардот на младиот човек во државата. Затоа што, ако сакаме да ги задржиме дома, бидејќи сè повеќе е јасно дека младите масовно си одат, треба да преземеме акција уште денес. Да не дозволиме утре да биде доцна“, изјави на настанот Фатмир Сабриу, државниот секретар во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

 

Македонските општини не ги спроведуваат активностите што ги налага Законот за младинско учество

Голем дел од општините во Северна Македонија не ги спроведуваат активностите наменети за нив врз основа на Законот за младинско учество и младински политики, е заклучокот од првото истражување што беше промовирано денеска, а кое се однесуваше на финансирањето и буџетирањето на младите на национално и локално ниво.

Авторите на трудот, Станиша Станковиќ, Бојан Лазаревски, Мартин Зарков и Анисија Угриновска рекоа дека имплементацијата на законот се спроведувала само на национално ниво, додека локалната самоуправа е „во сенка“.

„Сме правеле одредени политики за младите, но тие секогаш останувале на хартија. Историската перспектива е позитивна, но негативна е самата имплементација на овие политики“, изјави Станиша Станковиќ при презентацијата на наодите од истражувањето.

фото: Мета.мк

Меѓу најголемите финансиски предизвици пред младите во претходните децении, во истражувањето се посочени невработеноста, образованието, социо-економските разлики и нееднаквостите меѓу различните сегменти на младата популација, при што е истакнато оти младите без родители и младите од еднородителски семејства имале поинакви можности за развој и ангажман во општеството.

Дури 39 од 80-те македонски општини не одговориле на барањата за информации од јавен карактер што ги доставиле младите истражувачи, а меѓу оние што ги игнорирале ваквите барања е и Град Скопје.

Во меѓувреме, над 76 отсто од учениците во средните училишта не знаеле дека е донесен закон за младинско учество кој ги засега нив, покажала анкетата што за потребите на истражувањето била спроведена меѓу 200 средношколци.

На прашањето „Дали некогаш сте имале прилика да видите некоја активност што ја спроведувала општината во која живеете и била наменета за младите“, 61 отсто од испитаниците рекле оти виделе активности наменети за младите, а 39 проценти одговориле негативно.

 

Студентите се подготвени за примена на вештачката интелигенција во образовниот процес

Над 84 отсто од студентите се запознаени со алатките за вештачка интелигенција, а повеќе од 71 отсто користат АИ при студирањето, покажала анкетата спроведена за потребите на второто истражување кое беше презентирано денеска, со наслов „Користењето на вештачката интелигенција во образовниот процес на студентите во високото образование“.

Автори на истражувањето се Алмир Фасљии, Ангела Поповска, Деница Ангеловска и Димитар Атанасовски.

Според резултатите од анкетата, најголем дел од студентите (речиси 30 отсто) многу често користеле алатки за АИ, додека најчесто користена алатка била „ChatGPT“ (39,1%), за генеративна вештачка интелигенција.

Веднаш по неа следуваат „Grammarly“ (16,4%) и GitHub Copilot (13,6%), а студентите како често користени алатки ги навеле и „Google Bard“ и „Bing“.

Овие алатки студентите најмногу ги користеле за учење на дополнителни образовни содржини, за подготовка за колоквиуми и испити, за семинарски работи и други писмени трудови.

Во истражувањето се нотирани и позитивни ставови за воведување на АИ во образованието, кои доминирале над негативните. Над 87 отсто од студентите кои се запознаени со АИ алатките имале позитивен став по однос на ова прашање, додека околу 12 отсто имале неутрален.

„Отсуството на негативни мислења меѓу корисниците за алатките за вештачка интелигенција укажува на општ позитивен став за воведување на вештачка интелигенција во образованието меѓу оваа група испитаници. Малиот број испитаници кои навеле неутрален став како нивно мислење, сугерира на извесна несигурност или недостаток на информации за влијанието на вештачката интелигенциjа во образованието“, се вели во истражувањето.

фото: Мета.мк

Аерозагадувањето влијае на мотивацијата кај младите

Загадувањето на воздухот има сериозни последици за физичкото, но и по менталното здравје кај младите. Една од најсериозните последици од аерозагадувањето врз менталното здравје е негативното влијае врз когнитивните функции – може да предизвика заматеност на мислењето и краткорочна меморија, се вели во третото истражување на тимот составен од Александра Христовска, Рина Османи, Максим Ристески и Јулијана Ѓоргова.

„Ова може да има сериозни последици за продуктивноста на работното место и општиот квалитет на младите до 18 години. Поврзано со когнитивните функции, аерозагадувањето може да има и влијание врз емоционалното здравје. Истражувањата покажуваат дека изложувањето на загаден воздух може да предизвика повисоко ниво на стрес. Влијанието е особено изразено кај лицата кои веќе се изложени на фактори на ризик, како што се луѓето со предговорена состојба на ментално здравје“, се вели во истражувањето насловено „Влијание на аерозагадувањето врз психофизичкото здравје на млади лица до 18-годишна возраст“.

Понатаму, се додава дека, освен емоционалниот аспект, аерозагадувањето може да придонесе и кон појава на депресија, како и до намалување на мотивацијата и енергијата.

„Честичките и токсините во воздухот можат да влијаат на енергетските нивоа и способноста за концентрација, што на крај може да доведе до смалена мотивација за извршување на секојдневните задачи“, пишува во истражувањето.

Младите истражувачи, меѓу најчестите последици врз човековото здравје како резултат на загадувањето на воздухот, ги наведуваат и иритацијата на очите, носот и грлото, респираторните инфекции, бронхитис, пневмонија, главоболка, гадење, алергиска реакција и друго.

фото: Мета.мк

Студентите не се запознаени со начините за пријавување корупција на факултет

Како клучни субјекти во високото образование, студентите спаѓаат во групата на потенцијални жртви на коруптивни практики, но, исто така, може да се јават и како соучесници. Улогата на студентите во борбата против корупцијата лежи во препознавање на коруптивните однесувања и соодветна реакција за нив. За таа цел, студентите треба да бидат запознаени со концептот на корупција и како да се справат со неа. За да можат да земат активна улога, студентите мора да бидат способни да ги разберат и да ги применат вредностите на антикорупцијата во секојдневниот живот.

Ова е нотирано во четвртото истражување што беше претставено денеска од авторите Теа Цветановска, Памела Павловска, Кристина Димовска и Ристе Костовски, а е на тема Информираноста и подготвеноста на студентите да пријават корупција“.

Сепак, студентите најчесто не умеат да ја препознаат корупцијата во нејзините најразлични форми и во најголема мера не се запознаени со постојните механизми за пријавување на корупција. Резултатите од истражувањето покажале дека, иако свесни за постоење корупција на сите универзитети во државата, во најголем дел од случаите студентите не се осмелиле да ја пријават поради најразлични причини, меѓу кои најистакнати се стравот и немањето доверба за некаква разрешница.

„Односно, со други зборови, корупцијата во високото образование му штети на квалитетот на образованието и ја нарушува довербата во институциите, а непријавувањето на корупцијата се поврзува со недостаток на свесност и страв меѓу студентите и вработените“, се вели во истражувањето во рамки на кое била спроведена и анкета помеѓу студентите за нивните перцепции и искуства околу коруптивните практики во академската заедница.

фото: Мета.мк

Сите четири презентирани истражувања содржеа и препораки за надминување на предизвиците и подобрување на состојбите во областите кои биле предмет на истражување.