Граѓаните биле информирани за време на изборите но, истовремено биле изложени на националистички слогани, законодавни недостатоци и недоволен надзор над финансиите за кампањите, укажува Прелиминарниот извештај од мониторингот на онлјан порталите во Северна Македонија за време на парламентарните избори кој го изработи Фондацијата Метаморфозис.
При истражувањето се напоменува дека набљудувачите на изборите се незадоволни од политиката во државата поради политичкото влијание во институционалните назначувања, неефикасната јавна администрација и случаите за корупција од висок профил.
Во периодот од 26 дена мониторинг на 30 онлајн портали биле објавени вкупно 13.645 содржини поврзани со изборната кампања, а најголем број написи се забележуваат на почеток на кампањата и последните неколку дена од кампањата.
„Tри дена пред официјалниот почеток на кампањата, имаше значително зголемување на покриеноста, при што бројот на објавени статии се зголеми од 169 на 287 низ сите портали. Уште еден шпиц на покривање беше забележан на 18 април, денот на официјалниот почеток на изборната кампања, со вкупно 566 објавени написи во кои се споменуваат предизборните активности на политичките партии,“ пишува во Прелиминарниот извештај.
Повеќето од медиумите кои биле опфатени во мониторингот ги покривале првенствено главните партии кои, на крајот, освоија пратенички места, а помалите партии добивале многу поограничено покривање.
Како што и претходно пишувавме, според прелиминарниот извештај, онлајн медиумите често не ги исполнуваат професионалните стандарди на новинарство, а желбата за брзо доставување вести резултира со известување со слаб квалитет при што медиумската пристрасност и недостатокот на објективност стануваат се почести проблеми.
Зголеменa политичка пристрасност и регулаторни предизвици при известување за изборите