Во голема полициска акција под кодно име „Премин“ и по извршени претреси на 26 локации, уапсени се 15 царински службеници и еден полициски службеник, соопшти МВР.
Акцијата, според полицијата, е резултат на повеќемесечна предистражна постапка што обвинителството во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР ја спроведувало по доставена пријава од граѓанин против три лица. При претресите на локациите во струмичко-гевгелискиот регион пронајдени биле 50.000 евра кои биле земени како мито.
Според диспозитивот од кривичната пријава против 15 лица што Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР ја достави до ОЈО ГОКК, произлегува дека 13 од осомничените лица како вработени во Царинската управа на РСМ, а распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран сториле кривично дело Примање поткуп, додека две лица се пријавени за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување.
„Осомничените во временскиот период започнувајќи од 21.03.2023 година, па сѐ до вчера – 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат“, известуваат од МВР.
Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки.
Согласно КЗ за кривичното дело Примање поткуп запретената казна е од четири до десет години затвор, додека за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување е предвидена казна затвор од шест месеци до три години.