Режисерот на првиот македонски долгометражен анимиран филм Гоце Цветановски го отвори деветтото издание на фестивалот „Киненова“ со неговиот филм “Јон Вардар против галаксијата“. Филмот по голем број на прикажувања и премиери низ светот и Европа, на фестивалот ја имаше својата официјална премиера и во Македонија.
На отворањето на фестивалот беше доделена наградата „Златна Грива“ на австрискиот режисер „Улрих Зајдл“ познат по филмовите “Спарта, Сафари, Римини, франшизата Парадајз“ и многу други.
Режисерот Улрих Зајдл имаше и говор пред публиката при што рече дека „кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора да даде отпор“.
„Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња како овие, следната генерација режисерки и режисерки понекогаш ја обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм“, изјави во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.
По обраќањето и говорот на Зајдл, фестивалот продолжи со премиерата на филмот „Јон Вардар против галаксијата“ каде што се изјави дека филмот ќе се натпреварува со уште пет други филма за наградата „Гран При“, за најдобар филм на деветтото издание на фестивалот.
Филмот којшто се правеше повеќе од 15 години, по неговото прикажување доби одлични и огромни пофалби и голем аплауз од присутните. Долгометражниот анимиран филм е наменет за сите генерации, и најважно од сè, е филм на македонски јазик.