[ИНФОГРАФИК] Во земјава има вкупно 52.316 студенти, благ пад на уписите

Најмногу студенти и годинава има на најстариот државен универзитет во земјава – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Втор по бројност е Универзитетот во Тетово со 7.785 студенти, додека на трето место е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (УГД) со 6.385 студенти

Илустрација: Мета.мк преку Canva

Вкупно 52.316 студенти се запишани во академската 2023/2024 година на високообразовните установи во Северна Македонија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Согласно извештајот, бројот на студенти во оваа академска година е помал за 2,8 отсто во споредба со запишаните студенти во претходната.

Најголем дел од студентите – речиси 78 отсто, се запишале на државните високообразовни установи, додека 22 проценти запишале приватен факултет.

Оваа академска година, на прва година на студии се запишале вкупно 15.330 бруцоши.

Најмногу студенти и годинава има на најстариот државен универзитет во земјава – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) со запишани вкупно 20.892 студенти.

Втор по бројност е Универзитетот во Тетово со 7.785 студенти, додека на трето место е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (УГД) со 6.385 студенти.

По факултети пак, неколку години по ред најмногу студенти се запишани на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ – вкупно 4.722. Овој број е поголем од минатогодишниот, кога на ФИНКИ студираа 4.468 студенти.

Втор факултет според број на запишани студенти е Факултетот за медицински науки при Тетовскиот универзитет (3.354 студенти), по што следуваат медицинските факултети при УГД (3.186) и УКИМ (2.915 запишани студенти).

Меѓу петте најбројни факултети на државно ниво е и Економскиот факултет при УКИМ со запишани 2.022 студенти во академската 2023/2024 година.

Меѓу приватните високообразовни установи, пак, неколку години по ред најпопуларен е Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде годинава се запишале 2.763 студенти. По него следува Универзитетот на Југоисточна Европа со 2.252 запишани студенти, додека на трето место е Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на запишани студентки е 30.704, односно студентките учествуваат со 58,7 отсто во вкупниот број запишани студенти на високообразовните установи во учебната 2023/2024 година.

Од вкупниот број запишани студенти (53.821), речиси 88 отсто се редовни, а 12 отсто вонредни студенти.