(ВИДЕО) Болницата и куќите под вода, Тетово и овој пат неподготвено за невремето

Додека граѓаните до доцните часови ги чистеа подрумите на нивните поплавени куќи, подрумот на Клиничката болница останува поплавен и од него се шири смрдеа. Порталб.мк пренесува слики од тоа што се случуваше во последните 24 часа

-

Блокирани улици, автомобили со искршени стакла, поплавени подруми, уништени дрвја. Ова е билансот од вчерашните врнежи во Тетово, кои околу еден час беа придружувани со град. И додека граѓаните до доцните часови ги чистеа подрумите на нивните поплавени куќи, подрумот на Клиничката болница останува поплавен и од него се шири смрдеа. Порталб.мк ви пренесува слики од тоа што се случуваше во последните 24 часа.

Секој пат по обилни дождови еден од подрумите кој што вообичаено се поплавува е тој на куќата кај кружниот тек над тетовската касарна. Граѓаните кои живеат таму велат дека време е еднаш засекогаш да се најде решение за овој проблем.

„Имаме голема штети, се случи тоа што се случи, божја работа, никој не може да го спречи, но некако треба да се реши работата, ѕидот од касарната стана како блокада, водата доаѓа накај нас, па кога врне малку имаме поплави, но со таков дожд значи дека се полни до врв, ете гледате и самите, штетите се огромни, не сакаме пари, само да се реши ова прашање некако“, рече една жителка кој живее таму.

На истата локација имаше уште една куќа чиј подрум се поплавил. Граѓаните кои живеат таму рекоа дека од канализацијата водата излегла на површина.

„Цела ноќ чистевме, водата излезе од канализацијата, смрди, цела ноќ чистевме“, рече една жителка.

Поплавена е и тетовската болница. Подрумот во објектот на хирушката болница е во прилично лоша состојба. Порталб.мк го посети овој објект, и таму имаше многу вода и лоша миризба.

Екипите на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ од Тетово и Противпожарната единица Тетово работат на терен и со помош на пумпи ја отстрануваат водата од поплавените објекти.

Раководителката на Центарот за управување со кризи во Тетово, Арлинда Мухареми, соопшти дека директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, формирал тим за помош на погодените подрачја во Тетово и неговата околина, опремен со пумпи и друга опрема и во најкус можен рок ќе им се придружи на помош.

Од општина Тетово најавија дека во текот на денот ќе излезат со информации за состојбата на терен како последица на поплавите.

Тетово и околината вчера во „војна“ со врнежите

Вчера попладне, по 16 часот, во Тетово и околината имаше врнежи од дожд пропратени со град, грмежи и молњи кои околу еден час беа доста интензивни.

За тоа време тие предизвикаа разни штети, од блокирање на улиците па сè до поплавување на подрумите на десетици куќи и други објекти.

Силниот ветер и врнежите предизвикаа штета и на земјоделските култури, но и во урбаните средини, оштетија покриви, тенди, возила итн.

На барање на командирот на тетовската противпожарна единица Авни Ахмети, неколку часа беше прекинато снабдувањето со електричната енергија за цело Тетово, со цел да се спречи некоја несреќа како последица на поплавите.

Меѓу главните улици блокирани од поплавите беше и подвозникот на влезот во Тетово од Скопје. Како и обично кога врне дожд, блокиран беше и подвозникот во населбата „Дарданија“. Штети имало и во Болницата во Тетово како и во  населбите низ градот.

Поплавени се улиците и во село Јегуновце, Фалише, Сиричина, улица „Благоја Тоска“, улиците 180, 172, 109, 171, „Илинденска“.

Центарот за управување со кризи вчера на бројот 122 примил над 200 повици во врска со штетите кои ги претрпиле граѓаните.

Освен на подрачјето на Тетово, состојбата е сериозна и во регионот на Желино, каде што во одредени делови имало и одрони.

Исто така, во атарот на општина Јегуновце, во село Сиричина, едно семејство било блокирано, и таму интервенирале тетовските пожарникари.

Инцидент се случил во поплавена куќа во Тетово, каде сопственикот се лизнал по скалите спуштајќи се во подрум и се здобил со полесни повреди на главата и крварење. Брзата помош била известена од ЦУК, која интервенирала веднаш и на повредениот му била укажана лекарска помош.

Од Центарот за управување со кризи најавија дека штетите ќе се проценуваат во наредниот период.

Еден час врнежи извадија на површина многу неправилности

Со оглед на фактот дека климатските промени и заканите од обилни дождови и поплави сега веќе се реалност Порталб.мк пред еден месец се заинтересираше дали Тетово е подготвена да се соочи со нив, како регион кој неколку пати до сега претрпел штета од дождовите. Од општина Тетово истакнаа дека работат во таа насока, но не испратија никаков извештај  на што конкретно работат. Алармираа и од граѓанското општество.

Дефектите во фекалната и атмосферската канализација, дотраеноста, неодржувањето, нередовното чистење и фрлањето отпад во нив од страна на граѓаните се едни од главните причини што секогаш кога врне во Тетово водата од нив излегува на површина.

Тетово и поплавите, горчливи приказни скоро секоја година

Стравот од поплави  и природни несреќи постојано е присутен во Тетово и неговата околина. Овој регион неколкупати бил сведок на поплави и штети од врнежите од дожд.

Последен таков случај беше регистриран минатото лето кога врнежите од дожд блокираа неколку улици и подвозници. А најголемата катастрофа пак, беше во 2015 година кога поплавите однесоа четири животи, меѓу кои и на едно дете.

Климатските промени, реалност и закана

Во јули и август може да има опасност, вака предупреди во месец април метеорологот Владо Спиридонов.

„Што се однесува до тоа какво ќе биде летото, има различни проценки. Атмосферските модели и проценки укажуваат на потопло лето, а јули и август можат да бидат опасни бидејќи може да има поинтензивни грмотевици, кои можат да бидат доста деструктивни. Ова е резултат на климатските промени“, нагласи Спиридонов.

Извештајот на Меѓународниот монетарен фонд објавен на 26 јануари 2024 година прикажи вознемирувачки податоци за Северна Македонија. Предвидувањата се страшни. Според извештајот, РСМ е изложена на климатски промени и природни опасности кои претставуваат значителен ризик за јавната безбедност и јавната инфраструктура. Се предвидува дека поплавите и шумските пожари ќе станат почести и екстремни бидејќи климатските промени ги менуваат температурите и климатските модели.

Во врска со овој извештај, од Центарот за управување со кризи за Порталб.мк велат дека земјава врши проценка на заканите врз безбедноста на Републиката од сите ризици и штети.

Новинската агенција АФП била мета на хакерски напад

Информативниот систем на француската новинска агенција Франс прес (АФП) бил цел на напад кој зафатил дел од системот за дистрибуција на вести до клиентите, соопштија светските медиуми. „Мобилизирани се технички...