Владата во својата Програма за работа за периодот 2022-2024 година вети активности за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки од канабисот. Сепак, за време на мандатот не презеде никакви чекори за остварување на ова ветување. Дури ни Работната група, која беше формирана во 2021 година, не продолжи со работа, пишува Вистиномер во својата анализа
Текстот го пренесуваме во целост:
Ветување: Владата во следниот период ќе работи на следниве прашања:
– Декриминализација и легализација на поседување и лична употреба;
– Декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба;
– Разгледување можности за основање и работење на социјални клубови;
– Зголемување на бројот на здравствени состојби за кои може да се користи канабис;
– Дозвола за лекари од приватното здравство да препишуваат препрати од канабис и можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба (орално, преку инхалација или преку супозитории);
– Основање на агенција за канабис (и во нејзин склоп);
– Формирање фонд од давачките што ќе ги плаќаат правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис.
[Извор: ПРОГРАМА за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022–2024 година стр. 25, датум – јануари 2022]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Иако ова ветување беше ставено во програмата на Владата за периодот 2022-2024 година, сепак во овој мандат Владата не го продолжи процесот за разгледување и менување на законодавството за декриминализација и легализација на канабисот.
Работната група за регулација и употреба на канабисот беше формирана со одлука на Владата од мај 2021 година, а во јуни се одржа првата седница. Оваа работна група во следниот период одржа неколку состаноци, од кои на едниот ги дефинираа поимите декриминализација, легализација и депенализација, а на друг состанок ги разгледуваа канадските исксуства за медицинската и личната употреба на канабисот.
Сепак, ваквите состаноци завршија летото 2021 година, а од реконструкцијата на Владата во јануари 2022 година нема никакви активности на ова поле, иако декриминализацијата на канабисот стои како ветување во програмата на Владата предводена од Ковачевски.
Од организацијата „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“, кои се дел од Работната група, за „Вистиномер“ велат дека не ја знаат вистинската причина зошто нема реализација на овие ветувања и напоменуваат дека во 2022 и во 2023 година немало ниту еден состанок на Работната група.
Ниту еден состанок не е одржан во 2022 и 2023 година. Односно со оставката на Заев и доаѓањето на Ковачевски престанува да се работи на ова прашање, без оглед што е дел од владината програма. Сите барања на граѓанските организации се влезени во таа програма, но засега нема нивна реализација, ни рече Влатко Деков, водач на тим за застапување во ХОПС, во изјава за „Вистиномер“.
Владата не го исполни ниту ветувањето за формирање на агенција за канабис, во чиј склоп требаше да има фонд од давачките што ќе ги плаќаат правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис.
Согласно презентираните информации, може да се заклучи дека плановите на Владата за декриминализација и легализација на канабисот се ставени во втор план – Работната група, која беше формирана во 2021 година, не продолжи со работа и нема никакви активности во насока на реализација на ветеното. Поради сето ова, ветувањето за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки од канабисот, дадено во Програмата за работа на Владата за 2022-2024 година, го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ:
- ПРОГРАМА за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022–2024 година (11.01.2022), (стр. 25) [Проверено на 28.07.2023]
- Радио МОФ (18.05.2021): Владата формираше Работна група за регулација и употреба на канабисот [Проверено на 28.07.2023]
- Академик (07.06.2021): Прва средба на работната група за декриминализација на канабисот [Проверено на 28.07.2023]
- Влада на Република Северна Македонија (24.06.2021): Работната група за канабис ги дефинираше поимите декриминализација, легализација и депенализација, ќе се анализираат политиките за канабис во 10 земји од регионот, Европа и светот [Проверено на 28.07.2023]
- Влада на Република Северна Македонија (12.07.2021): Работната група за канабис ги разгледа канадските искуства за медицинската и личната употреба на канабисот [Проверено на 28.07.2023]
Оцени: Наум Локоски