Уште денеска можете бесплатно да ја превземете играта Beyond Blue преку платформата за видео игри Epic Games. Се работи за игра без насилство, каде играте улога на жена научник-нуркач, која ги истражува морските длабочини. Играта изобилува со секакви подводни пејсажи, впечатлива графика и детално сработени модели на китови, ајкули, делфини, риби, медузи, ракови и секакви други подводни морски животни – од типичните до најуникатните.
Референцата што сака да се направи со насловот на играта е несомнено поврзана со неприкосновено најдобриот филм за нуркачи, филмот „Големото синило“ (The Big Blue) со актерот Жан Рено. Погледнете го трејлерот за филмот:
За игри без насилство објавивме неколку написи, а оваа игра е слична на играта со нуркање што беше бесплатна пред подолго време на Епик Гејмс: ABZU. Но додека во ABZU имаше бесконечно пливање, во Beyond Blue имате опции да ги барате и да го следите развојот на сите суштества на кои ќе налетате при нуркањето.
Како дел од научен проект, комуницирате и со други двајца научници кои Ви помагаат преку радио врска. Во Вашата подморница можете да проверувате информации за сите суштества од морето и да ги гледате 3Д моделите во енциклопедија која ја пополнувате како класичен албум со сликички, но овојпат со анимации.
Има 8 мисии во кои главната цел е да ги спасите китовите. Не се работи за класичен Отворен Свет, но во склоп на мисиите можете да собирате и примероци и да барате секаков жив свет, во улогата на морски биолог. Можете и да отклучите и 16 кратки филмови за вистински морски биолози, како и цела енциклопедија на живиот свет.
Во играта нема никакво насилство, ниту пак опасности – едноставно е игра без насилство, со истражување, што ја прави многу повредна од класичните видео игри. Играта може да се смета и за симулатор за нуркање, а директната инспирација за неа е серијалот документарци на BBC The Blue Planet 2.
Одлична игра за деца да научат повеќе за подводниот свет, но и за возрасни што сакаат да го направат истото и да се опуштаат во нуркањето и во модерна графика. Игратa чини 16 евра во редовна продажба, а уште денеска можете да ја превземете бесплатно.