Играта без насилство Beyond Blue бесплатна уште денеска на Epic Games

Beyond Blue скриншот од Еpic Games

Уште денеска можете бесплатно да ја превземете играта Beyond Blue преку платформата за видео игри Epic Games. Се работи за игра без насилство, каде играте улога на жена научник-нуркач, која ги истражува морските длабочини. Играта изобилува со секакви подводни пејсажи, впечатлива графика и детално сработени модели на китови, ајкули, делфини, риби, медузи, ракови и секакви други подводни морски животни – од типичните до најуникатните.

Референцата што сака да се направи со насловот на играта е несомнено поврзана со неприкосновено најдобриот филм за нуркачи, филмот „Големото синило“ (The Big Blue) со актерот Жан Рено. Погледнете го трејлерот за филмот:

За игри без насилство објавивме неколку написи, а оваа игра е слична на играта со нуркање што беше бесплатна пред подолго време на Епик Гејмс: ABZU. Но додека во ABZU имаше бесконечно пливање, во Beyond Blue имате опции да ги барате и да го следите развојот на сите суштества на кои ќе налетате при нуркањето.

Како дел од научен проект, комуницирате и со други двајца научници кои Ви помагаат преку радио врска. Во Вашата подморница можете да проверувате информации за сите суштества од морето и да ги гледате 3Д моделите во енциклопедија која ја пополнувате како класичен албум со сликички, но овојпат со анимации.

Има 8 мисии во кои главната цел е да ги спасите китовите. Не се работи за класичен Отворен Свет, но во склоп на мисиите можете да собирате и примероци и да барате секаков жив свет, во улогата на морски биолог. Можете и да отклучите и 16 кратки филмови за вистински морски биолози, како и цела енциклопедија на живиот свет.

Во играта нема никакво насилство, ниту пак опасности – едноставно е игра без насилство, со истражување, што ја прави многу повредна од класичните видео игри. Играта може да се смета и за симулатор за нуркање, а директната инспирација за неа е серијалот документарци на BBC The Blue Planet 2

Одлична игра за деца да научат повеќе за подводниот свет, но и за возрасни што сакаат да го направат истото и да се опуштаат во нуркањето и во модерна графика. Игратa чини 16 евра во редовна продажба, а уште денеска можете да ја превземете бесплатно.