Парното греење во Скопје поевтинува за 11 отсто од 1 август

Парното греење за жителите на Скопје приклучени на системот на „Балкан енерџи груп“, од 1 август поевтинува за речиси 11 отсто, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Димитар Петров.

Поголемо намалување на цената за парно греење има за училиштата и за градинките во Скопје.

– Крајните цени за сите потрошувачи што се снабдуваат со топлинска енергија од операторите „Балкан енерџи“, односно од „Производство“, „Дистрибуција“ и од „Снабдување“, ќе бидат намалени со оваа одлука. Цената на топлинската енергија за домаќинствата ќе се намали за 10,93 отсто, за потрошувачите од категоријата образование ќе се намали за 40,62 отсто, а кај категоријата останати потрошувачи ќе биде намалена за 28,74 отсто. Исто така, ќе се намали и надоместокот за фиксниот дел за домаќинствата. Сите овие симулации ги правиме за станови со просечна квадратура од 50 квадратни метри и фиксниот надоместок за домаќинствата се намалува за 2,67 отсто. Кај „Скопје Север“ намалувањето ќе биде за 4 отсто и кај едните и кај другите потрошувачи. Кај „ЕЛЕМ енергетика“ домаќинствата имаат намалување од 11,59 отсто, кај училиштата за 1,49 отсто и кај деловните субјекти за 3 отсто – рече Петров на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека намалувањето на цените на парното се должи на драстично намалената цена на природниот гас, како и на намалените трошоци на компаниите, кои работеле поефикасно и со намалени оперативни трошоци.

Новата цена на парното ќе важи од 1 август годинава до 1 август следната година.