fbpx

Заев се сретна со новоименуваната амбасадорка на ОБСЕ

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретнал со новоименуваната амбасадорка, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, Нина Соумалаинен.

На средбата, како што соопштуваат од СДСМ, се зборувало за актуелната состојба во Република Македонија, како и за соработката со Мисијата на ОБСЕ.

Заев ја запознал амбасадорката Соумалаинен со причините за политичката и државната криза, како и со излезните решенија договорени со меѓународно посредништво.

Лидерот на СДСМ рекол дека мора да има целосна имплементација на договореното од 2 јуни и од 15 јули затоа што од тоа зависи решавањето на политичката криза и изразил надеж дека деновиве ќе се најде законското решение за специјалниот јавен обвинител.

– Специјалниот јавен обвинител мора да има целосна автономија и гаранции за независност во работата. Само со такви гаранции, специјалниот јавен обвинител би можел да го истражува нелегалното прислушување и делата што произлегуваат од него. Бидејќи специјалниот јавен обвинител ќе има исклучително одговорна и обемна работа, треба да има и помошници-обвинители за поефикасно и пофункционално извршување на законските обврски – посочил Заев.

Амбасадорката Соумалаинен рекла дека ОБСЕ продолжува со исклучително внимание да ги следи процесите во Македонија, кои треба да придонесат за демократско градење на институциите и за одржување на слободни, фер и демократски избори.

– Мисијата на ОБСЕ и понатаму ѝ стои на располагање на Република Македонија да ги достигне демократските цели. Очекуваме целосно спроведување на постигнатиот договор од 2 јуни и спроведување на слободни, фер и демократски избори наредната година – рече Соумалаинен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин го посети Си во Пекинг, повика на посилна економска соработка меѓу Русија и Кина

Рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста на економската соработка меѓу Русија и Кина во посета на кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, пренесува „Њујорк тајмс“. Додека неговата армија напредува...