fbpx

Советите за етика од Балканот побараа стабилно финансирање од донаторите и владите

-

Советите за етика од неколку балкански земји, од регионалната конференција што се одржува во Скопје, денеска побараа од потенцијалните донатори и од државните власти да обезбедат стабилна поддршка за независно функционирање на овие тела.

„Самоодржливоста на советите за етика – мит или реалност за балканскиот регион и Турција” е тема на денешната регионална конференција што Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја организира во Скопје.

– И покрај тоа што важноста на советите за етика и саморегулацијата е општопризната, опстанокот на овие саморегулативни тела, кои имаат исклучително значајна улога во заштитата на слободата на изразување, е доведен во прашање. Иако повеќето совети за етика во Европа се целосно финансирани од медиумската индустрија и медиумите, незавидната ситуација во која што се наоѓаат медиумите во нашата држава го прави овој модел речиси невозможен – истакна Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.

Од друга страна, според извршната директорка на Советот за етика во медиумите во Србија, Гордана Новаковиќ, во случаите кога советите за етика се финансираат од државата се креираат механизми за заштита од мешањето на државата во процесот на медиумска саморегулација, како што е создавањето независен фонд за поддршка.

Учесниците на денешната конференција донесоа заедничка декларација. Во неа тие посочуваат дека според УНЕСКО, Советот на Европа, Европската Унија, како и според институциите и организациите во земјите каде што дејствуваат, советите за етика во медиумите и саморегулацијата испорачуваат јавно добро кое се состои од подигнување на јавната доверба во медиумите; подигнување на професионалните стандарди во новинарството и, генерално, развој на доброто новинарство; борбата против дезинформациите и лажните вести; намалување на бројот на тужби пред граѓанските или кривичните судови за клевета и навреда; како и ширење на медиумската писменост.

Поради тоа, медиумските етички совети од Албанија, БиХ, Косово, Северна Македонија, Србија и Турција апелираа до донаторите и до владите да помогнат во обезбедување стабилна финансиска поддршка за институционално и програмско опстојување на овие професионални организации, но и да помогнат во афирмација на мисијата и целите на советите за етика во медиумите.

„Овој апел не го исклучува евентуалното самофинансирање на нашите организации, преку механизмот на членарина од страна на медиумите и медиумската индустрија. Но, имајќи ја предвид севкупната состојба во која се наоѓаат и медиумите и индустријата, апелираме на поголема поддршка и свесност за потребите од постоење на нашите организации“, се вели во декларацијата, со која се бара воспоставување независен фонд за поддршка на советите за етика.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...