ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда испрати издржани забелешки за недостатоци на предлог-текстот за законот за јавно обвинителство, преточени во трите принципи кои ги содржат документите за кои што сметаме дека мора да бидат дел од овој нов закон, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој додаде дека новиот закон мора да биде донесен со консензус, да биде реформски и да претставува основа за градење на правна држава.

„ Заев и Дескоска не смеат да бегаат од фактот дека Јавното обвинителство треба да е во функција да ги заштитува граѓаните и да го чува правниот поредок во државата, а не да биде послушник на извршната власт. Владата не смее да замижува и да игнорира аргументирани предлози кои што ќе овозможат борба со коруптивните и криминогените дејствија на власта. Владата не смее да бега од фактот дека треба да има одговорност и почитување на човековите права, а не јавните обвинители да штитат министри и премиери и да спроведуваат чистки по политичка нарачка на власта“, изјави Стоилковски.

Тој додаде дека Владата не смее да бега и од имплементирање на 11 меѓународни акти од ОН, од препораки од европскиот совет на министри, од препораки од Венецијанската комисија.