!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жерновски: Поразот на ВМРО-ДПМНЕ е поважен од сè друго


       
Скопје, 3 септември, 2017 - 14:35 (META) 

Актуелниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, преку својот фејсбук-профил, порача дека поразот на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори е поважен од сè друго.

„Имаме заеднички политички противник, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека само со заеднички сили можеме силно да го поразиме. Тоа е поважно од сè останато“, пишува Жерновски.

Ова следува откако тој вчера ги собра законски потребните потписи за да може да биде независен кандидат за градоначалник на Општина Центар на претстојните локални избори.

Според роковите на ДИК, независните кандидати имаат рок до понеделник да поднесат потписи за кандидатура, но тоа не ја исклучува можноста СДСМ да ја поддржи неговата кандидатура на изборите.

СДСМ сè уште нема официјално објавено дали ќе има свој кандидат на изборите или ќе го поддржи Жерновски. Како можен кандидат од редовите на владејачката партија се спомнува сегашниот директор на ЈП „Паркинзи – Општина Центар“, Саша Богдановиќ.