Заев со амбасадорската четворка: Македонија мора да ги продолжи демократските процеси

Република Македонија мора да ги продолжи демократските процеси. Ова било констатирано на денешната средба на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со амбасадорите на Германија, Велика Британија, Шведска и на Холандија во земјава, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стефансон и Ваутер Пломп.

– Парламентарното мнозинство од 67 пратеници е подготвено да ја реализира граѓанската волја за промени, изразена на изборите на 11 декември. Чекорите што следуваат се избор на нов собраниски претседател и нова реформска влада, според деловникот на Собранието, Уставот на Република Македонија и законите – рекол Заев на средбата, соопштуваат од СДСМ.

На средбата било разговарано за потребата и за одговорноста на сите политички субјекти во државата, институции и поединци да го овозможат овој процес, како и за „последиците од евентуално противуставно однесување на штета на државните интереси“.

– Неопходно е Трајко Вељаноски и Ѓорге Иванов да постапат според мнозинската волја на граѓаните, а опозицијата, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, да овозможат мирен трасфер на власта – рекол Заев.

Од партијата додаваат дека на средбата било оценето дека излезот од кризата е во спроведувањето на итните реформски приоритети, кои ќе ги одблокираат евро-атлантските перспективи на земјава.