!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски на судењето за „Шамари“ го снимаа две рачни камери без тон


Скопје, 7 декември, 2017 - 14:15 (META) 

Денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013, случај во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште десетина други лица, се снимаше со две рачни камери, откако вчера и денеска адвокатите на одбраната побараа и добија одложување на рочиштата за случаите „Траекторија“ и „Тотал“, бидејќи немаше услови за визуелно-тонско снимање на постапката.

Како што појасни судијката Татјана Михајлова, судењето се снима со две рачни камери, но само визуелно, не и тонски.

На ова реагираше адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, кој рече дека штом се снима, не треба да се води записник и побара да се одложи главната расправа бидејќи претходните записници не биле потпишани од странките во постапката и поради тоа немаат правно дејство.

Михајлова го одби барањето на адвокатот и рече дека снимањето е овозможено со новиот Закон за кривична постапка од 2013 година, но условите се такви, а записниците се водат во строга форма.

– Судот располага со ваков вид опрема. Доколку ги видите претходните записници, јас имам кажано дека немало можност да се снимаат рочиштата –рече Михајлова.

На денешното рочиште сведочеше поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, кој рече дека во судницата препознал двајца од насилниците.

Еден од нив, како што рече, бил Димче Крстев, кому ќе му се суди во одвоена постапка бидејќи немаше адвокат и беше болен.

Жерновски рече дека за време на насилните протести пред Општината, Крстев наместо антихрист, го нарекол антифашист, што тогашниот градоначалник не го сфатил како навреда.

Тој ги опиша случувањата пред општинската барака, каде насилници фрлале разни предмети, ги пцуеле советниците од редовите на СДСМ, додека Жерновски бил повикуван од Даниела Рангелова, како тогашна советничка од ВМРО-ДПМНЕ, да излезе и да се соочи со демонстрантите.

Жерновски раскажа и за однесувањето на полицијата, која, иако била присутна, воопшто не реагирала.

Поранешниот градоначалник на општина Центар денеска одговараше само на прашања на обвинителите на СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, по што рочиштето беше прекинато бидејќи обвинетата Рангелова имала обврски.

На следното рочиште, кое е закажано за 18 декември, Жерновски ќе одговара на прашања на адвокатите на одбраната.


СЈО, по една недела, од судот го доби записникот од рочиштето за „Тврдина 2“


Скопје, 7 декември, 2016 - 16:08 (META) 

Специјалното јавно обвинителство вчера го добило од Кривичниот суд записникот од подготвителното рочиште за судењето за случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, потврдија за „Мета“ од СЈО.

Оттаму додаваат дека дополнително ќе информираат кога ќе достават барање до Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) за дозвола за декласификација на доказите во обвинението за случајот.

Специјалното јавно обвинителство една недела го чекаше записникот од подготвителното рочиште за „Тврдина 2“, кое се одржа во понеделникот минатата недела, за да може да го испрати барањето до УБК.

На рочиштето, на кое се очекуваше да почне главната расправа од судскиот процес, СЈО, судот и адвокатите на одбраната водеа процедурална расправа за тоа дали класифицираните докази смеат да бидат употребени во постапката, односно дали треба да бидат деклсифицирани или не. По тричасовна расправа, судијката Лидија Петровска го задолжи СЈО да обезбеди дозвола од органот што ги создал класифицираните информации предложени како докази, односно УБК, и тие да бидат декласифицирани.

На ова реагираа обвинителите на СЈО, Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска, кои рекоа дека нема никакви законски пречки, а и досегашната судска практика дозволува овие класифицирани информации да бидат употребени за време на судскиот процес како докази. Ристоска по завршување на рочиштето, меѓу другото, изјави дека со ваквата одлука на судот се доведуваат во прашање сите предмети во кои како докази биле користени класифицирани информации.

„Тврдина 2“ заедно со случајот за насилствата пред Општина Центар беа првите два предмети за кои СЈО поднесе обвинија. Во конкретниот случај, Грујовски и уште шестмина обвинети се товарат дека ја уништиле документацијата поврзана со системите од незаконското прислушување.


СЈО ќе бара начин да ја деблокира истрагата за „Таргет“


Скопје, 5 декември, 2016 - 16:40 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и нејзините помошници обвинители наредните денови на состанок треба да решаваат што ќе преземат во врска со блокирањето на истрагата за случајот „Таргет“ од страна на Кривичниот суд, велат неофицијално за „Мета“ од СЈО.

Она што е официјално е дека СЈО „нема право на жалба на одлуката“ на Кривичниот совет, до повисоките судски инстанци, односно до Апелацискиот суд, бидејќи одлуката на Кривичниот совет се смета за второстепена и конечна.

Од СЈО за „Мета“ потврдуваат дека ниту денеска, заклучно со 15 часот, не го добиле записникот од подготвителното рочиште за случајот „Тврдина 2“, за да може да испратат барање за дозвола од УБК за декласификација на доказите во предметот, како што им наложи судијката Лидија Петровска.

Кривичниот совет, составен од судиите Владимир Панчевски (до вчера претседател на Кривичниот суд, н.з.), и судијките Дијана Груевска-Илевска (заменик-претседател на судот, н.з.) и Љубинка Башеска (судијката во случајот „Пуч“, н.з.) минатата недела вторпат одби да му издаде налог на Специјалното јавно обвинителство за претрес на компјутерските системи во еден од телекомуникациските оператори заради обезбедување податоци и докази во врска со телефонските броеви што биле цел на незаконското следење на комуникациите.

 


Панчевски, Груевска-Илиевска и Башеска го блокираат СЈО во истрагите „Таргет“ и „Трезор“


Скопје, 2 декември, 2016 - 16:46 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, составен од судиите Владимир Панчевски, како претседател на судот, и судијките Дијана Груевска-Илевска (заменик-претседател на судот н.з.) и Љубинка Башеска (судијката во случајот „Пуч“ н.з.), вторпат одбил да издаде наредба за да може Специјалното јавно обвинителство да изврши претрес на компјутерските системи во еден од телекомуникациските оператори во врска со случајот „Таргет“, соопшти попладнево СЈО.

Судија на претходна постапка еднаш веќе го одби барањето на СЈО за издавање налог, а ваквата одлука ја потврдил и Кривичниот совет, откако Специјалното јавно обвинителство поднесе ново барање за издавање налог за претрес.

Од СЈО велат дека судот и овојпат имал исто образложение зошто не издава налог за претрес, односно дека барањето на Специјалното јавно обвинителство, наводно, е нејасно и непрецизно, иако, како што информираат од кабинетот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во него јасно било наведено дека „се бараат компјутерски податоци складирани во сервери, а кои се однесуваат на записи од кои може да се утврди кои сè телефонски броеви биле предмет на следење на комуникациите“.

„Исто така, за судот е нејасно како ова јавно обвинителство ја утврдило локацијата на серверите, иако во јавноста веќе беше објавено дека ваквите податоци се обезбедени токму од телекомуникацискиот оператор. Во оваа насока сакаме да истакнеме дека судот тврди дека уредите за кои е побаран претресот „се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација“, без да каже на кои докази го базира ваквиот став. Потсетуваме дека претходната наредба за пребарување на компјутерски системи беше одбиена токму поради нејзина наводна непрецизност околу локацијата на серверите на кои е потребно да се изврши претрес, па нејасно е зошто судот го менува ставот околу потребата од дефинирање на локацијата каде се наоѓаат серверите“, стои во соопштението од СЈО.

Кривичниот совет во ист состав ја одбил како неоснована и жалбата на СЈО против решението на судијката на претходна постапка Елена Јосифовиќ, со кое беше одбиено барањето на СЈО за одземање на компјутери од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Инаку, Јосифовиќ е судија на претходна постапка во случајот „Трезор“ во кој осомничени за незаконска набавка на опрема за УБК, се поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, ексшефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, и Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во МВР.

„Напомнуваме дека согласно член 41 од Законот за кривична постапка, заради остварување на функцијата на кривично гонење, јавниот обвинител е оној кој раководи со предистражната постапка, а согласно член 291 од истиот закон, истражната постапка ја спроведува исто така јавниот обвинител. Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека од страна на судии во истиот суд веќе се издавани наредби за одземање предмети и за пребарување во компјутерски системи по однос на истиот предмет на истражување, нејасно е зошто речиси без исклучок се одбиваат барањата што ова јавно обвинителство ги упатува, а по кои постапуваат споменатите судии“, велат од СЈО, од каде додаваат дека едното решение било донесено на 29 ноември, а другото вчера, на 1 декември 2016 година, но двете биле доставени денеска, со што „се повторува практиката на судот, доставата на одлуките со кои се одбиваат барањата на ова јавно обвинителство, најчесто да се врши во петок“.

Од Специјалното јавно обвинителство, исто така, информираат дека сè уште не го добиле записникот од подготвителното рочиште за судењето за случајот „Тврдина 2“, кај судијката Лидија Петровска, а во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Тој и уште шестмина негови колеги се товарат дека ја уништиле документацијата поврзана со системите од незаконското прислушување.

СЈО го чека записникот за да може да испрати барање за дозвола од УБК за декласификација на доказите во предметот. Ова му беше наложено на СЈО од страна на судијката Петровска на подготвителното рочиште што се одржа во понеделникот оваа недела.


Дејан Митровски – Урко го возел „бмв-то“, стои во записникот од сообраќајката во Кисела Вода


Скопје, 27 јули, 2016 - 15:31 (META) 

Дејан Митровски – Урко, поранешниот шеф на обезбедувањето на експремиерот и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го управувал автомобилот марка „бмв“, кој ноќеска учествувал во сообраќајната несреќа во Кисела Вода, во која тешко е повреден 22-годишен мотоциклист. Ова го покажува записникот од сообраќајката, што денеска го објави порталот „Нова ТВ“.

Од записникот може да се види дека сообраќајката се случила 30 минути по полноќ на крстосницата од булеварот Борис Трајаковски и улицата Невена Ѓеоргиева Дуња и крај од Јужен булевар.

Во несреќата е повреден Стојанчо Андонов, роден 1994 година, чиј мотоцикл, марка „хонда цбр 900“, без регистарски ознаки, како што стои во записникот, излегол десно од коловозот и преминувајќи го тротоарот удрил во прозорско стакло и во алуминиумски рам од месарницата „Солета“, а возачот со телото удрил во билборд поставен на тротоарот.

Мотоциклистот со возило на итната помош бил пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди, односно дека момчето е во животна опасност.

За сообраќајката во 2 часот била известена јавната обвинителка Катерина Коларевиќ, која, како што стои во записникот, не излегла на местото, а увидот го препуштила на увидната екипа на полицијата.

„На 27 јули 2016 година, во 00.40 часот во Скопје, на булевар Борис Трајковски, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д. (43) од Скопје и мотоцикл „хонда цбр“ без регистарски ознаки, управуван од С.А. (22) од Скопје. Во незгодата, тешки телесни повреди добил возачот на мотоциклот, кој со возило на итна медицинска помош бил префрлен во Градска општа болница „Наум Охридски“. Истиот е неконтактибилен и се наоѓа во животна опасност. Увид извршила екипа на СВР Скопје“, стои во белешката за случајот во денешниот билтен на МВР.

Дејан Митревски – Урко беше разрешен од обезбедувањето на Груевски во септември 2014 година, а причините не беа официјално соопштени.

Неговото име се споменува и во дел од прислушуваните материјали што минатата година ги објави лидерот на опозицискиот СДСМ.


Јанева ги побарала од судот предметите за Мартин Нешковски и за Љубе Бошкоски


Скопје, 15 јануари, 2016 - 11:55 (META) 

Покрај докази од предметот „Пуч“, специјалната обвинителка Катица Јанева од судот ги побарала и предметите за убиството на Мартин Нешковски и за случајот „Изборна кампања“, во кој осуден е Љубе Бошкоски, соопшти денеска Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Од кабинетот на Јанева, укажуваат дека не наишле на соработка од страна на судот, кој не им ги доставил предметите, туку побарал обвинителите од СЈО да извршат увид во судот. За ова биле известени и европратениците Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан на средбата во вторникот неделава.

„На состанокот со европратениците, укажано е и на недоволната соработка на судот со ова јавно обвинителство. Појаснуваме дека ваквото укажување е резултат на новата практика која судот сака да ја наметне во случаите кога се барани предмети на увид од страна на ова јавно обвинителство. Во конкретниот случај, не станува збор само за предметот „Пуч“, кој е во фаза на главна расправа, туку од судот на увид побарани се и архивирани предмети (како, на пример, предметот познат во јавноста како „Изборна кампања“, предметот за убиството на Мартин Нешковски, како и други предмети од интерес на ова јавно обвинителство). Притоа, во согласност со досегашната практика на судот, на барање на јавните обвинителства, вакви предмети биле доставувани на увид, што е видливо и во еден од предметите во кој беше извршен увид. Сепак, на барањето на ова јавно обвинителство одговорено е дека е потребно увидот во списите на предметите да биде извршен во судот, што од наша страна и беше направено. Изразуваме убедување дека во иднина судот ќе пристапи кон соработка со ова јавно обвинителство, бидејќи во законските одредби пропишана е обврска за соработка на сите органи и лица со јавното обвинителство, кога се работи за откривање кривични дела и обезбедување докази“, стои во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

Оттаму информираат дека на средбата со европратениците, Јанева укажала и на потребата од измена на Законот за заштитени сведоци, односно во него да биде опфатено и да има надлженост и специјалното обвинителство.

„Во периодот што следува, ќе пристапиме и кон подготвување предлог-измени“, велат од СЈО.

Во врска со материјалите од прислушуваните разговори, што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ѝ ги предаде на Јанева, од обвинителството велат дека целата постапка била „во согласност со законските прописи, а околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање не е пропуст во смисла на законските одредби“.

„Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таков подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста. Поради сето наведено, во овој момент не сме во можност да соопштиме повеќе податоци за примените материјали, но ја уверуваме јавноста дека ќе биде информирана за сите детали поврзани за примените материјали во моментот кога нема да постојат законски пречки за такво постапување“, стои во соопштението на Јанева.


Заев до струмичкиот суд: И понатаму нема да се јавувам во судот


Скопје, 7 август, 2015 - 10:56 (META) 

Скопскиот кривичен суд денеска објави дел од записникот и изјава на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, со негово образложение зошто не се јавува во Основниот суд Струмица, односно не ја почитува мерката за претпазливост што му ја одреди судот за случајот „Пуч“.

Од Основниот суд Скопје 1 го известиле Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека обвинетиот Заев не ја почитува превентивната мерка.

„Точно е дека имав задолжение да се јавувам секој понеделник во овој суд по решение IV КОК-ПП 52/15-4 од 31 јануари 2015 година и по тоа решение уредно се јавував во Основен суд Струмица сè до 6 јули 2015 година, кога ја известив јавноста преку прес-конференција за понатамошно непочитување на мерката задолжително јавување секој понеделник во судот, од причини што и тогаш јавно ги посочив и сега ги потврдувам, а се однесуваат на политичкото одлучување во судската постапка „Пуч“ – насилство врз претставници на високи државни органи. И понатаму останувам на таа изјава за непочитување на мерката на претпазливост, меѓутоа напоменувам на органите на прогонот дека во секој момент сум достапен, не мислам да се дадам во бегство и понатаму останувам во Македонија и тоа на подрачјето на Општина Струмица и на Општина Скопје. Во Струмица сум на домашна адреса, а во Скопје во седиштето на СДСМ. Тоа е сè што имам да кажам“, стои во записникот на Судот во Струмица, што го објави Основниот суд Скопје 1.

Од судот велат дека објавуваат дел од записникот „поради прецизно информирање на јавноста и поради зголемениот медиумски интерес во врска со овој предмет“.

Во средата требаше да почне главниот претрес за случајот „Пуч“, но тој беше одложен бидејќи во судницата не се појави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Почетокот е презакажан за 7 септември.

Во случајот „Пуч“, за кривичните дела шпионажа, насилство врз претставници на највисоките државни органи и за помагање, покрај Заев, обвинети се и Зоран Верушевски, неговата сопруга, Соња Верушевска, Ѓорги Лазаревски и Бранко Палифров.