Покрај докази од предметот „Пуч“, специјалната обвинителка Катица Јанева од судот ги побарала и предметите за убиството на Мартин Нешковски и за случајот „Изборна кампања“, во кој осуден е Љубе Бошкоски, соопшти денеска Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Од кабинетот на Јанева, укажуваат дека не наишле на соработка од страна на судот, кој не им ги доставил предметите, туку побарал обвинителите од СЈО да извршат увид во судот. За ова биле известени и европратениците Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан на средбата во вторникот неделава.

„На состанокот со европратениците, укажано е и на недоволната соработка на судот со ова јавно обвинителство. Појаснуваме дека ваквото укажување е резултат на новата практика која судот сака да ја наметне во случаите кога се барани предмети на увид од страна на ова јавно обвинителство. Во конкретниот случај, не станува збор само за предметот „Пуч“, кој е во фаза на главна расправа, туку од судот на увид побарани се и архивирани предмети (како, на пример, предметот познат во јавноста како „Изборна кампања“, предметот за убиството на Мартин Нешковски, како и други предмети од интерес на ова јавно обвинителство). Притоа, во согласност со досегашната практика на судот, на барање на јавните обвинителства, вакви предмети биле доставувани на увид, што е видливо и во еден од предметите во кој беше извршен увид. Сепак, на барањето на ова јавно обвинителство одговорено е дека е потребно увидот во списите на предметите да биде извршен во судот, што од наша страна и беше направено. Изразуваме убедување дека во иднина судот ќе пристапи кон соработка со ова јавно обвинителство, бидејќи во законските одредби пропишана е обврска за соработка на сите органи и лица со јавното обвинителство, кога се работи за откривање кривични дела и обезбедување докази“, стои во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

Оттаму информираат дека на средбата со европратениците, Јанева укажала и на потребата од измена на Законот за заштитени сведоци, односно во него да биде опфатено и да има надлженост и специјалното обвинителство.

„Во периодот што следува, ќе пристапиме и кон подготвување предлог-измени“, велат од СЈО.

Во врска со материјалите од прислушуваните разговори, што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ѝ ги предаде на Јанева, од обвинителството велат дека целата постапка била „во согласност со законските прописи, а околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање не е пропуст во смисла на законските одредби“.

„Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таков подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста. Поради сето наведено, во овој момент не сме во можност да соопштиме повеќе податоци за примените материјали, но ја уверуваме јавноста дека ќе биде информирана за сите детали поврзани за примените материјали во моментот кога нема да постојат законски пречки за такво постапување“, стои во соопштението на Јанева.