!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кратка ерупција на вулканот на Алјаска


Вашингтон, 3 јули, 2017 - 14:49 (META) 

Вулкан на Алјаска денеска на кратко еруптираше исфрлајќи пепел до висина од околу 11.000 метри, соопшти денеска американската опсерваторија за надгледување на вулканските активности.

Службата навела дека ерупцијата на вулканот се случила по полноќ, на Алеутскиот Архипелаг и траела 16 минути.

Вулканот на Богословскиот Остров, околу 1.400 километри југозападно од Енкориџ, периодично испушта пепел од средината на декември минатата година.

Алеутскиот Архипелаг, кој се наоѓа во Беринговото Море, има вулканско потекло.


Еруптира вулканот Етна на Сицилија


Рим, 28 февруари, 2017 - 14:32 (META) 

Ерупцијата на вулканот Етна, во источниот дел на Сицилија, и денеска продолжува, откако вчера исфрли фонтана лава, која изгледала спектакуларно.

Вулканот вчераутро почна да исфрла лава, а и денеска не сопира.

Ерупцијата, која се одвива во југоисточниот кратер, видлива е од Катанија и од Таормина.

Локалните жители велат дека ерупцијата потсетува на онаа од 2007 година, кога поради лавата и пепелот беше затворен аеродромот во Катанија.

Последната спектакуларна ерупција на овој најголем активен вулкан во Европа, беше во 2001 година.


Вулкан на Суматра еруптирал седум пати за 24 часа


Џакарта, 6 февруари, 2017 - 9:57 (META) 

Вулкан на планината Синабунг на северот на Суматра вчера еруптирал седум пати.

Ветерот носел пепел сè до Берастаги, туристички град на висорамнината Каро, југоисточно од вулканот.

На локалното население и на туристите им е речено да носат маски и заштита за очите за да избегнат контакт со вулканската пепел.

Околните места во се состојба на зголемена готовност, а лицата кои се наоѓаат во радиус од седум километри се евакуирани и префрлени во засолништа.

Планината Синабунг неколкупати еруптираше во септември 2013 година и секојпат беа раселувани илјадници лица.


Седум лица загинаа во нова ерупција на вулканот во Индонезија


Џакарта, 30 мај, 2016 - 16:23 (META) 

Во ерупција на вулканот Синабунг во Индонезија загинаа најмалку седум лица од селото Гамбер, четири километри оддалечено од вулканот.

Синабунг синоќа исфрлил голема количина на пепел и чад, а потокот создаден од лава ги загрозува животите на луѓето во селата околу вулканот.

Првата ерупција во модерната историја на таа локација се случила во 2010 година по повеќе векови мирување. Тогаш загинаа две лица, а повеќе од 30.000 беа евакуирани.

Во ерупцијата која се случи во 2014 година загинаа 16 лица.


Седуммина загинати во ерупција на вулкан во западна Индонезија


Џакарта, 22 мај, 2016 - 14:28 (META) 

Седум луѓе загинале на западот на Индонезија при ерупција на вулканот Монт Синабунг, кој почнал да исфрла облаци вулканска пепел на висина од три километри, јавува „Би-би-си“.

Загинатите работеле на своите фарми во селото Гамбер, кое било прогласено за небезбедна област поради неговата близина до вулканот.

Според информациите вулканот и денеска исфрлал пепел што ги отежнува операциите на војската и на спасувачките екипи.

Повеќе десетици луѓе загинаа при ерупцијата на истиот вулкан во 2014 година. Монт Синабунг, исто така, еруптираше во 2010 година по 400 години мирување.

Спасувачките екипи сè уште ја обиколуваат областа, барајќи нови можни загинати и луѓе со тешки изгореници од жешкиот гас и облаците пепел ослободени при ерупцијата.


Се активирал вулканот Попокатепетл


Вашингтон, 28 март, 2016 - 13:42 (META) 

Вториот највисок вулкан во Северна Америка, Попокатепетл се активирал, јавуваат светските медиуми.

Последната ерупција се случи пред 16 години, кога беа евакуирани 40.000 лица.

Попокатепетл во воздух исфрла чад и пепел во висина од две илјади метри.


Јапонија: Еруптира вулкан во близина на нуклеарната електрана „Сендаи“


Кјото, 5 февруари, 2016 - 15:13 (META) 

Јапонскиот вулкан Сакурајима, оддалечен околу 50 километри од нуклеарната електрана „Сендаи“, еруптирал, исфрлајќи пепел два километри во ноќното небо и големи количества лава, но засега нема извештаи за штети во електраната.

Поради „експлозивна ерупција“, јапонската метеоролошка агенција објави тревога од највисоко ниво, што значи дека луѓето не смеат да ѝ се приближуваат на планината.

– Сепак, добро е што тоа подрачје е многу далеку од населбите – рече Казухиро Исхихара, професор на универзитетот во Кјото.

Телевизиската снимка прикажува лава како тече по планината, но Исхијара рече дека мисли оти ерупциите нема да бидат толку сериозни.


Поради ерупција на вулканот Етна, затворен е аеродромот во Катанија


Катанија, 5 декември, 2015 - 16:07 (META) 

Поради ерупција на вулканот Етна на островот Сицилија, денеска е затворен аеродромот во Катанија, јавува италијанската новинска агенција АНСА.

Ерупцијата на Етна, придружена со исфрлање лава, почна на 3 декември. Специјалистите од италијанскиот институт за геофизика и за вулканологија го опишаа како најмоќнниот од 1999 година.

Аеродромот во Катанија работеше во нормален режим, но синоќа беше затворен поради зголемена концентрација на вулканска пепел во воздухот.

Ерупцијата на вулканот не го загрозува локалното население.


Во Еквадор вонредна состојба поради активација на вулкан


Кито, 16 август, 2015 - 10:45 (META) 

Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, прогласи вонредна состојба во земјата поради засилените активности на вулканот Котопакси и како мерка на претпазливост нареди евакуација на повеќе стотици луѓе од селата во близина на вулканот.

Вонредната состојба им дава на властите поголемо овластување како и користење на средства од буџетот за реагирање во случај на ерупција на вулканот.

Советникот на претседателот Корее Алексис Мера изјави дека властите биле поттикнати да ги евакуираат селата поради брзиот проток на топол гас и камења.

Вулканот Котопакси, кој се наоѓа во близина на главниот град Кито, во петокот исфрлил облак со пепел висок дури пет километри, а сива прашина ги покрила патиштата, куќите и автомобилите во околината, но дури и на 50 километри оддалеченост од Кито.

Властите го ограничиле пристапот до паркот кој го опкружува вулканот и забраниле искачување на неговиот врв кој е популарен помеѓу планинарите.

Котопакси кој е висок 5.987 метри, започнал да покажува засилена активност уште во април. Последната негова ерупција се случила во 1877 година.


Стотици лица евакуирани поради ерупција на вулканот Колима


Мексико, 12 јули, 2015 - 11:09 (META) 

Повеќе стотици лица се евакуирани по ерупцијата на вулканот Колима, 450 километри западно од главниот град на Мексико, а според првичните информации, тоа би можело да биде најсилната ерупција во последните стотина години.

Поради пепелот кој излегувал од вулканот и го прекрил околното подрачје, затворен е и аеродромот во Колима.

Геофизичарите оцениле дека оваа ерупција е „нетипична“ и оти потсетува на ерупцијата од 1913 година, која била најсилна досега. Вулканот би можел, како што појаснуваат експертите, да продолжи да исфрла лава и пепел, а во наредните недели, да изгуби сила и да се смири. Сепак, исто така, би можел да експлодира со јачина каква што не е забележана во последните 100 години.