!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

САД и Турција го обновија издавањето визи


Анкара, 6 ноември, 2017 - 20:53 (META) 

Американската амбасада во Анкара соопшти дека нејзините конзулати во Турција го обновиле издавањето визи на турски државјани на „ограничена основа“.

Со тоа е завршен прекинот на издавање визи од речиси еден месец поради дипломатската криза помеѓу двете земји.

Набргу потоа и турската амбасада во Вашингтон преку „Твитер“ објави дека го обновува издавањето на визите на државјаните на САД на „ограничена основа“.

Американската амбасада ја објави оваа одлука еден ден пред најавеното заменување на турскиот премиер Бинали Јилдрим во поста на САД да се сретне со американскиот потпретседател Мајк Пенс. Двајцата државници се очекува да разговараат за подобрување на нарушените односи помеѓу двете земји сојузнички во НАТО.

Издавањето визи беше прекинато минатиот месец, кога турските власти го уапсија турскиот службеник во американскиот конзул во Истанбул затоа што наводно бил поврзан со лица вмешани во минатогодишниот обид за пуч во Турција.


Ердоган нема да го прими американскиот амбасадор


Анкара, 10 октомври, 2017 - 18:52 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да го прими американскиот амбасадор во заминување во Анкара на проштална средба и ги обвини САД дека направиле проблем поврзан со обостраното суспендирање на издавањето визи.

– Турција има долга традиција и сигурно нема да дозволиме нешто такво да се случи. Амбасадорот ја завршува својата мисија и сигурно ниту јас, ниту министерството ќе го прими на проштална средба – рече Ердоган при посетата во Белград.

Тој рече дека се поставува прашањето дали одлуката за суспендирање на визите била одлука на амбасадорот Џон Бес.
– Доколку мој амбасадор направеше нешто такво, немаше ни еден час повеќе да остане на функцијата – рече Ердоган.

САД во неделата соопштија дека го стопираат издавањето неимигрантски визи во своите дипломатски претставништва во Турција откако турските власти уапсија еден конзуларен службеник, под обвинение за шпионажа. Набргу и Турција го сопре издавањето визи во САД.
Ова е уште еден чекор на оддалечување на официјална Анкара од Западот, откако Турција, која е членка на НАТО, ги залади односите со ЕУ, особено со Германија.


Турција повика американски дипломат на итен разговор


Анкара, 9 октомври, 2017 - 15:05 (META) 

Турското министерство за надворешни работи го повика на разговор потсекретарот на амбасадата на САД и побара ставање крај на спорот меѓу двете земји.

Амбасадата на Турција во Вашингтон соопшти дека ќе престанат да издаваат неимигрантски визи на Американци, откако мисијата на САД во Турција престана да издава неимигрантски визи во своите американски дипломатски претставништва во Турција.

Мисијата на САД одлуката ја донесе откако властите на Анкара уапсија еден вработен во американски конзулат во Турција.
Според неименувани извори, на потсекретарот на американската амбасада му е речено дека суспензијата на издавањето визи предизвикала „непотребна тензија“ и дека таа одлука треба да биде повлечена.


САД го суспендира издавањето визи во Русија


Вашингтон, 21 август, 2017 - 13:26 (META) 

САД од 23 август ќе го суспендираат издавањето неемигрантски визи во своите конзулати во Русија, соопшти денеска американската амбасада во Москва, додавајќи дека рестрикциите за издавање неемигрантски американски визи се последица на повлекувањето на американските дипломати.

Процедурата за издавање визи ќе продолжи од почетокот на септември, но само во Москва, јавува денеска агенцијата „Тасс“.

„Почнувајќи од 1 септември, сите разговори за добивање неемигрантска виза ќе се вршат само во амбасадата на САД во Москва“, стои во соопштението.

Амбасадата објасни дека претходно закажаните интервјуа ќе бидат откажани, како и дека граѓаните ќе бидат известени за тоа.

Процедурата е суспендирана во американските конзулати во Санкт Петербург, Екатеринбург и Владивосток.
Амбасадата и конзулатите во Русија ќе остават доволен број вработени за вршење на клучните активности, стои во соопштението.


Иран со контрамерки, нема да издава визи на Американци


Техеран, 7 март, 2017 - 16:11 (META) 

Официјален Техеран нема да издава визи на државјани на САД сè додека Вашингтон одбива да издава визи на Иранци, соопшти денеска ирачкиот заменик-министер за надворешни работи, Маџид Тахт-Раванчи, и додаде дека новиот указ на претседателот Доналд Трамп е ништожен од судска гледна точка.

Шефот на иранската дипломатија истакна дека забраната за визи за Американци ќе трае сè додека трае забраната на САД кон Иран.

– Веднаш штом САД ја укинат забраната, како што беа принудени на крајот од минатиот месец, Иран исто ќе одговори – посочи Техт-Раванчи.

Тој истакна и дека Иран никогаш не бил вмешан во терористички напади на територијата на САД, како и дека државите што биле вмешани не се на листата на Трамп, алудирајќи на Саудиска Арабија.

Ревидираниот указ на Трамп забранува издавање на нови визи за граѓани од шест држави со претежно муслиманско население – Иран, Јемен, Либија, Сирија, Сомалија и Судан. Исто така се елиминира и приемот на бегалци во рок од 120 денови. Наредбата ќе стапи на сила на 16 март.


Американска амбасада во Софија: Бугарија сè уште не е подготвена за безвизен режим со САД


Софија, 10 февруари, 2017 - 16:05 (META) 

Бугарија сè уште не ги исполнува условите за безвизен режим со Соединетите Американски Држави. Бројот на одбиени барања за визи минатата година бил 15 отсто од вкупниот број на барања, а условот за добивање безвизен режим е одбиените барања да бидат под три отсто. Ова денеска го објасни генералната конзулка на САД во Бугарија, Кејт Мекгур, но увери дека миграциската политика на новиот американски претседател Доналд Трамп на ниту еден начин нема да влијае на бугарските граѓани.

Републиканското мнозинство во Конгресот на САД пред неколку дена предложи бројот на издадени зелени карти да се намали за половина, а популарната годишна лотарија да запре.

Инаку од 2000 година наваму биле издадени повеќе од 100.000 американски визи на млади граѓани на Бугарија за студентски претстој во САД.

Американската амбасада во Софија, инаку, објави конкурс за најдобра видеоснимка од доживувањата на студентите кои претстојново лето ќе одат во САД, во рамките на програмата за работа и за престој во земјата. Годинешниот конкурс на американската амбасада е на тема „Доживеј го својот сон“.

„Интервјуто е лесно. Неопходно е добро познавање на англискиот јазик, што ќе им овозможи на студентите да се справат со секојдневните задолженија, да се редовни студенти на акредитиран универзитет, да имаат валидна понуда за работа, како и да понудат гаранција дека ќе се вратат во Бугарија по завршувањето на програмата“, рече Мекгур.

Амбасадорот на САД во Бугарија, Ерик Рубин, денеска им ги врачи визите на првите четворица учесници во годинешната програма за работа и за патување во САД.


Русија се обидува да нè држи за врат, тврди Лукашенко


Минск, 3 февруари, 2017 - 15:43 (META) 

Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, денеска остро ја критикуваше Русија на прес-конференција во Минск, обвинувајќи го Кремљ за кршење на спогодбата меѓу блиско поврзаните соседи и со користење на фактот дека ги снабдува со енергија „за да ги држи за врат“.

Говорејќи пред околу педесетина белоруски и странски новинари во Минск, Лукашенко рече дека Русија ги „прецртала“ пограничните спогодби со Белорусија со „еден потег на перото“.

Реакцијата на Лукашенко се однесува на руските обиди да воспостават контрола над нивната заедничка граница, откако Белорусија соопшти дека ќе воведе виза за краток престој за околу 80 држави од светот, од 9 февруари.

Белорускиот претседател сугерирал дека Русија се обидува да го засили своето внимание над помалите држави, барајќи да има контрола над гасоводите и користејќи го снабдувањето со гас и со нафта за покажување моќ.

– Русија често земала нафтоводи и гасоводи. Тоа се случува и сега исто така. По таквите конфликтите секогаш ми велат „отидовме малку предалеку“. Но, зошто ни одземате витални работи? Зошто нè држите за врат – праша Лукашенко.

Белорускиот претседател рече дека „независноста не може да се споредува со нафта и дека неговата земја, која за снабдување со енергија се потпрела на Русија, ќе пронајде други извори за нафта и за гас, кои им се потребни.


Амбасадата на САД во Тирана им укина визи на судии и на обвинители поради корупција


Тирана, 27 јануари, 2017 - 10:04 (META) 

Амбасадата на САД во Тирана издаде соопштение во кое се вели дека ќе бидат повлечени неимигрантските визи за неколку албански судии и обвинители. Во соопштението се вели дека тие ја донеле оваа одлука откако утврдиле дека службениците не се квалификувани за визи.

„Амбасадата на САД ја презеде оваа акција пред претстојниот процес на проверка низ кој ќе се оцени дали одредени службени лица се поврзани со корупција, како и поради тоа што имаше флагрантна злоупотреба на службената виза од страна на висок обвинител и на неговиот брачен другар, што доведе до поништување на нивните визи. Амбасадата на САД сериозно ги зема предвид наводите за корупција и ќе продолжи да ги проверува визите на судските службеници и апликациите за виза со дополнителна контрола. Стејт департментот има широки овластувања да одбие или да повлече визи врз основа на информации кои укажуваат дека на носителот на виза може да не му биде дозволен влез во САД и ќе продолжи да го користи овој орган за да ги унапреди своите напори за борбата против корупцијата во Албанија“, се вели во соопштението на Амбасадата.


Олбрајт: Од солидарност ќе се декларирам муслиманка


Вашингтон, 26 јануари, 2017 - 11:09 (META) 

Поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, на „Твитер“ напиша дека е подготвена да се декларира како муслиманка, изразувајќи солидарност кон припадниците на оваа религија во САД.

Олбрајт пораснала како христијанка, а подоцна дошла до сознание дека потекнува од еврејско семејство.

„Пораснав како католик, станав следбеничка на Епископалната црква, а подоцна дознав дека татко ми е Евреин. Од солидарност сум подготвена да се регистрирам како муслиманка“, напиша Олбрајт на „Твитер“.

Објавата на социјалната мрежа доаѓа како реакција на тоа што новиот американски претседател, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба да се ограничи издавањето визи за бегалци.

Олбрајт во друга објава на „Твитер“ истакна дека Америка мора да остане отворена за луѓето од сите вери и потекла, со хаштагот „добродојдовте бегалци“.

Една од наредбите на Трамп ја ограничува имиграцијата и доаѓањето во САД на корисниците на виза од Ирак, Иран, Либија, Сомалија, Сирија и од Јемен, објави весникот „Вашингтон пост“ и додаде дека граѓаните на овие земји веќе имаат проблем да добијат американски визи.


ЕК: Турција не прави доволно за да добие визна либерализација


Брисел, 8 декември, 2016 - 17:08 (META) 

Европската комисија (ЕК) денеска соопшти дека Турција не напредувала многу во исполнувањето на условите за укинување на визите за нејзините граѓаните кои патуваат во Европската Унија, јавуваат светските агенции. Укинувањето на визите за патување во ЕУ, од друга страна, беше еден од клучните услови што ги постави Турција во постигнувањето на договорот со Унијата за намалување на приливот на бегалци во Европа.

Турција, како што навела ЕК, треба да исполни уште „седум клучни услови“, колку што беа наведени и во последниот извештај, објавен во септември годинава.

Комисијата, исто така, ја предупредува Турција дека е обврзана да го почитува договорот со ЕУ.

Турција од ЕУ бараше до крајот на оваа година да бидат укинати визите за нејзините граѓани кои патуваат во земјите на Унијата, а претседателот Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ги отвори границите и ќе пушти мигрантите да тргнат кон Европа ако Брисел не го исполни својот дел од договорот.

Од друга страна, ЕУ од властите во Анкара бара да ги променат законите кои се однесуваат на борбата против тероризмот, односно на широко поставената дефиниција за тероризам, врз основа на која во Турција се апсат новинари, судии, обвинители, професори, академици и сите оние кои го критикуваат Ердоган.