fbpx

Не запираат бегалските бранови од Турција кон Грција

-

Продолжува да се зголемува загриженоста во Грција за континуираните нови бранови бегалци што пристигнуваат на грчките острови. Во државата има речиси 60.000 бегалци распоредени низ бегалски центри, приватни станови и во изнајмени хотелски соби.

На грчките острови од Турција секојдневно пристигнуваат нови бегалци, во просек од 50 до 100 бегалци дневно, иако не се ретки и деновите кога има едвај десетина бегалци. Од минатиот понеделник до денеска во државата пристигнале 585 нови бегалци, од кои најголем дел, 358 лица, на островот Лезбос. До утрово, според последните бројки на грчките власти, пристигнале 149 нови бегалци и тоа на Лезбос и на Калимнос. Во текот на август во земјата стигнале повеќе од 2.000 нови бегалци.

Белгаскиот центар на Лезбос е речиси преплавен од бегалци. Иако центарот има капацитет само за 3.500 луѓе, на Лезбос во моментов има повеќе од 5.000 бегалци.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, по неговиот состанок со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на Крит, увери дека Турција планира да продолжи да го почитува договорот со ЕУ за контрола на бегалскиот бран кон Грција, тема која значително ги загрижува грчките власти, особено по обидот за пуч и заканите на турскиот претседател за прекинување на договорот со Брисел доколку турските граѓани не добијат безвизно олеснување за патување во шенген-зоната.

„Турција, како што разбирам јас, сака да го одржи договорот. Тоа што тие го истакнуваат е дека и Европа треба да го одржи својот дел од договорот. Ние се трудиме колку што е можно сите страни да ги исполнат договорените обврски“, истакна Коѕиас.

Според грчките медиуми, владата периодов се подготвува да го испразни импровизираниот камп од стариот аеродром Елинико, каде има околу 900 луѓе.

Условите во импровизираниот камп се катастрофални, без соодветни места за лична хигиена, поради што се стравува дека може да дојде до ширење на зараза и болести и меѓу бегалците  и жителите во јужните предградија на Атина, каде што се наоѓа бегалскиот камп.

На потенцијалните болести кои може да почнат да се шират во кампот, предупредуваат и претставниците на УНХЦР во Грција. Грчкото министерство за миграција, според информациите, се подготвува да ги пресели бегалците од Елинико во други организирани бегалски центри, во постојните каде има места или во нови кои треба да ги заменат досегашните, а за кои се најавува дека наместо во септември, може да се готови околу декември.

Следниот предизвик за грчките власти е интеграцијата на децата бегалци во грчкиот државен образовен систем.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...