Image by jacqueline macou from Pixabay

Кинеските власти го блокираа доаѓањето на тим на Светската здравствена организација (СЗО), која што требаше да го истражува потеклото на корона вирусот и да се откријат повеќе детали околу почетоците на глобалната пандемија против ковид-19 во кинескиот град Вухан, пренесува „Гардијан“.

Визите на претставниците на тимот на СЗО што треба да работи во кинескиот град Вухан не се одобрени од кинеските државни власти. Од Министерството за надворешни работи на Кина во изјава за светските медиуми рекле дека станува збор за недоразбирање, посочувајќи дека СЗО и Кина и понатаму преговараат за конкретните датуми и другите подготовки за пристигнување на меѓународниот тим.

Меѓутоа, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус веќе изјави дека бил разочаран оти Пекинг одбил да даде крајна дозвола за истражувачиот тим, чии членови веќе почнале да патуваат во Вухан, каде вирусот беше откриен во декември 2019 година, пренесува „Гласот на Америка“ на македонски јазик. 

СЗО со месеци наназад се обидува да испрати тим од експерти во Вухан, каде што за прв пат се појави актуелниот тип на корона вирус пред повеќе од една година. Разговорите меѓу СЗО и Кина траат од јули 2020 година, а од нивниот исход ќе зависи и откривањето на многу податоци за тоа како почнал да се шири корона вирусот во Вухан.