!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ураганот Офелија се движи кон Европа, издадено црвено предупредување


Даблин, 14 октомври, 2017 - 17:50 (META) 

Ураганот Офелија преку Атлантскиот Oкеан се движи кон Европа, а прва на удар би можела да биде Ирска на почетокот на следната недела, соопштија метеоролозите.

Ветрови со јачина од 130 километри на час би можеле да ја погодат Ирска поради што е издадено црвено предупредување, соопшти Националната метеоролошка служба.

Силни и потенцијално разорни ветрови може да предизвикаат поплави, зголемено ниво на морето и оштетување на инфраструктурата, се наведува во предупредувањето.

Британската метеоролошка служба предупредува на силни ветрови во Северна Ирска, Шкотска и на југот на Англија.

Стручњаците наведуваат дека ураганот најверојатно ќе ослаби в понеделник и во вторник.

Ураганот Офелија е прв ураган што ќе го погоди европското подрачје по 1961 година и е десетти силен ураган кој оваа година се разви на Атлантикот.


Бурата Нејт прерасна во ураган


Вашингтон, 7 октомври, 2017 - 10:53 (META) 

Тропската бура Нејт, движејќи се на северот на Мексиканскиот Залив, денеска прерасна во ураган, соопшти Американскиот национален центар за урагани.

Ураганот во моментов се наоѓа меѓу источниот мексикански брег и Куба и се движи кон јужното крајбрежје на САД. Се предвидува дека на ударот на Нејт може да се најде градот Њу Орлеанс, реонот на езерото Пончартрејн и подрачјето на Гранд Ајл во државата Луизијана, како и областите долж границата меѓу државите Алабама и Флорида.

Американскиот национален центар за урагани соопшти дека ураганот ќе стигне до брегот на САД доцна вечерва или утре изутрина.


Ураганот Марија стигна до Порторико


Сан Хуан, 20 септември, 2017 - 14:26 (META) 

Ураганот Марија стигна до Порторико каде што бурата има јачина од четврта категорија со ветер со брзина од 230 километри на час, соопшти американскиот Национален центар за урагани.

Претходно ураганот со разорна сила го погоди малиот карипски остров Доминика.

Гувернерот на Порторико, Рикардо Росело, претходно предупреди дека бурата Марија би можела да го погоди островот со сила каква што не е видена со децении.

– Ќе изгубиме голем дел од инфраструктурата на Порторико – изјави Росело.

Властите ги предупредија граѓаните кои имаат куќи со дрвена или слаба конструкција да пронајдат сигурно засолниште и да се евакуираат.

Вчера е потврдено дека на францускиот остров Гвадалупе, едно лице загина во ураганот Марија, а пријавено е исчезнување на две лица.


Ирма падна на ниво на бура, но ветерот е со јачина на ураган


Мајами, 11 септември, 2017 - 18:00 (META) 

Ирма ослаби на ново на тропска бура, но и понатаму предизвикува ветер кој речиси има сила на ураган, соопшти денеска американскиот Национален центар за урагани.

Ирма која беше означена како најсилен ураган над Атлантскиот Океан, во осум часот изутрината по локално време забележана е на околу 170 километри северозападно од Тампа во сојузната држава Флорида, со најсилни удари од ветер од 110 километри на час.

Од Националниот центар за урагани велат дека се очекува дополнително слабеење на бурата од вторник до петок по локално време.


Евакуирани македонските државјани од Сент Мартин


Скопје, 11 септември, 2017 - 9:10 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека македонската државјанка од францускиот дел на островот Сент Мартин е евакуирана, исто како и семејството од Штип, кое е во холандскиот дел на истиот остров.

„Амбасадата во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани. Апелираме на будност и на следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот сè уште не е надмината“, сооопшти македонското МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.


Ирма дивее на Флорида


Мајами, 10 септември, 2017 - 20:36 (META) 

Ураганот Ирма, откако ги опустоши Карибите и ја поплави Хавана, предизвикувајќи хаос во остатокот од Куба, удри и по Флорида, кршејќи дрвја и оставајќи повеќе од милион луѓе без струја.

Со ветришта кои дуваа до 210 километри на час, ураганот кој достигна до тропска бура од четврта категорија, предизвика и лизгање на земјиште на Флорида.

Повеќе од 8 милиони луѓе во оваа и во соседната држава се соочуваат во моментов со ветришта со брзина од 11о километри на час, очекувајќи го најсилниот удар на Ирма, чие срце сега се движи по Јужна Флорида.

Дури 36 милиони луѓе се во страв од ураганот, кој опустоши некои карипски острови и ја поплави Хавана, главниот град на Куба.

Загубите за осигурителните компании од ураганите на Карибите и во јужните држави на САД може да достигнат 200 милијарди долари, посочуваат медиумите.


Ураганот Ирма на Флорида донесе паника и однесе една жртва


Мајами, 10 септември, 2017 - 17:16 (META) 

Ураганот Ирма стигна до Флорида, носејќи силни ветришта и обилни врнежи дожд. Центарот на ураганот ги погоди островите јужно од Флорида, а метеоролозите предупредуваат дека „најстрашното допрва следи“. Седум милиони луѓе беа посоветувани да се евакуираат.

Ирма повторно е ураган од категорија 4, а први се погодени островите на крајниот југ на Флорида, соопшти американскиот Национален центар за урагани. Во соопштението се истакнува дека на меѓународниот аеродром „Ки Вест“ се измерени ветришта од 80 километри на час.

Метеоролошката служба извести и дека над неколку населби се формираат торнада, што дополнително влеваат страв кај жителите.

Центарот на ураганот Ирма е над заливот Тампа и се движи кон север, а се очекува да продолжи и кон јужните држави Алабама и Џорџија. Синоптичарите велат дека вакво невреме е од историски размери и не е забележано во САД.

Локалните власти потврдија дека Ирма ја однела првата жртва на Флорида. На Ки Вест загинал маж во камионет, потврди полицијата. Тој најверојатно поради силниот ветер ја загубил контролата врз возилото и удрил во дрво.


Ирма удри и на Флорида, бројот на загинати достигна 25 лица


Мајами, 10 септември, 2017 - 11:26 (META) 

Ураганот Ирма се засили до бура од четврта категорија во својот пат кон Флорида, а бројот на загинати се зголеми на 25 лица. Во американската сојузна држава сега стотици илјади луѓе се без струја, што е исто како ситуацијата на Карибите во Централна Америка, откако ураганот удри таму пред 4-5 денови.
Главното јадро на Ирма утрово по македонско време беше на 110 километри од најјужната точка на Флорида, а носеше со себе ветришта до 210 километри на час. Се очекува за еден час да дојде на Флорида Киз, најјужната точка на полуостровот.

Претходно на францускиот остров Сен Бартас и на германско-француската територија на Сен Мартин загинаа 12 лица, шест на Британските Девствени Острови, најмалку четворица на Американските Девствени Острови, додека во Порторико се регистрирани две жртви, а една на Барбуда.

Американскиот Национален центар за урагани предвидува дека ураганот Ирма дополнително ќе зајакнува и оти директно ќе удри во Сент Питерзбург, а не во заливот Тампа, како што претходно беше прогнозирано.

Повеќе од 170.000 домови и компании во Флорида се без електрична енергија, од кои половината во подрачјето на округот Мајами Дејд, каде за околу 600.000 луѓе е наредена евакуација.

Седум милиони луѓе од околу 21 милион жители на Флорида се повикани да се евакуираат.

Ураганот Ирма предизвика материјална штета на Куба, каде брзината на ветрот достигна од 210 километри часа. Сè уште нема информации за евентуално повредени или загинати луѓе.

Ирма уништи хотели во најпознатите летувалишта на островот и предизвикаа евакуација долж брегот, па сè до околината на главниот град Хавана. Повеќе од 5.000 туристи беа евакуирани од северните крајбрежни реони и острови, каде последните години беа изградени низа нови одморалишта.

Најпогоден е малиот крајбрежен град Кајбариен, на околу 320 киломатри источно од Хавата, каде се урнати голем број далноводи, а неколку квартови се под вода.


Ирма сее паника во Флорида додека продолжува да дивее на Куба


Мајами, 9 септември, 2017 - 20:43 (META) 

Периферијата на ураганот Ирма, со силни ветришта и многу дожд „удри“ врз најјужниот дел на Флорида и го продолжи својот поход по јужната држава на САД како ураган од трета категорија.

Со ветришта од 200 километри на час, Ирма продолжува да дивее и на Куба, а вистинскиот удар на ураганот врз јужна и централна Флорида, третата по бројноста на население држава на САД за неколку часа. Главното јадро на ураганот се очекува на Флорида утре претпладне по локално време.

Во меѓувреме, во американската сојузна држава Флорида владее хаос, додека стотици илјади луѓе се обидуваат да се евакуираат и улиците и патиштата се речиси преполнети. Иако го пред 12 часа се сметаше дека во главниот бран на ударот ќе се најде Мајами, сега метеоролозите велат дека Мајами може да здивне, бидејќи градот Тампа ќе биде на главната патека на Ирма.

Во меѓувреме, ураганот Хозе, неколку дена по Ирма, сее паника на Карибите, а последен на неговиот удар беше островот Антигва.

Гувернерот на мексиканската држава Веракруз, Мигел Анхел Јунес обелодени дека синоќа загинале две лица при налетот на ураганот Катја во Мексикански залив. Двете жртви загинале при лизгање на земјиште.


Мексико погодено од ураганот Катја еден ден по земјотресот што уби 61 човек


Мексико Сити, 9 септември, 2017 - 13:23 (META) 

Еден ден откако доживеа разорен земјотрес од 8,2 степени по Рихтеровата скала, Мексико вчеравечер беше погодено од уште една природна катастрофа, ураганот Катја.

Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието прогласи тридневна жалост поради катастрофалниот земјотрес, кој ја погоди земјата вчера ноќта и во кој загинаа 61 човек. Претседателот изјави дека земјотресот бил со интензитет од 8,2 степени според Рихтеровата скала и оти бил најсилниот во Мексико во изминатите сто години.

Бројот на загинатите во најсилниот земјотрес што го погоди Мексико во последните 100 години се зголеми на 61 лице, а едно лице загинало и во Гватемала.  Земјотресот  можеше да се почувствува сè до главните градови на Мексико и на Гватемала, но најголемите штети ги направи на јужниот брег на Мексико, погодувајќи ги државите Табаско, Чијапас и Оаксака, кои се сметаат за најсиромашни и за најмалку развиени во земјата. Таму во моментов се одвива голема операција на спасување.

Поради земјотресот, чиј епицентар бил во Пацификот, 120 километри од брегот на Мексико, беше прогласена и тревога за цунами, но таа подоцна беше укината.

Вчеравечер, додека земјата сè уште се соземаше од шокот од земјотресот, ураганот Катја ја погоди  Теколутла, а се очекува да донесе врнежи од 25 до 30 сантиметри воден столб на квадратен метар во северните држави Веракруз, на истокот на државата Хидалго и во Пуебла.

Се очекува тоа да предизвика поплави и одрони на земјиште, поради што луѓето што живеат на падини се повикани да се евакуираат.