Седум лица загинаа во налетот на ураганот Ирма, уште два урагани се движат кон САД

Најмалку седум лица загинаа на Кариби во налетот на ураганот Ирма, чија брзина достигна и до 360 километри на час. Најголема штета предизвика на францускиот остров Свети Вартоломеј и на француско-холандскиот остров Свети Мартин, каде разорната моќ на ураганот се зголемила.

Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба на Девствените Острови, во Порторико и на Флорида, а во тек е евакуација на островот Ки Вест, на крајниот југ на Флорида.
Американските медиуми јавуваат дека најголем проблем е тоа што ураганот ги погодува слабо населените и сиромашни острови со лоша инфраструктура.

На островот Свети Мартин се уништени згради и далекуводи и во прекин е снабдувањето со електрична енергија, додека на Свети Вартоломеј, каде живеат околу 9.000 лица, ураганот ги прекина комуникациите.

На 322 километри од Мексиканскиот Залив се појави нов ураган, Катја, кој постепено се зајакнува и најверојатно ќе биде силен како и другите урагани, предупреди американскиот Центар за урагани.

Катја во моментов е ураган од прва категорија, со удар на ветар од 121 километар на час.

Центарот соопшти дека во моментов се активни три урагани на Атлантикот – Ирма, која се смета за еден од најсилните урагани во овој век и кој се движи кон Флорида, Хозе, кој сè уште е на отворено море на 1.000 километри од Мали Антили, и Катја, кој се движи кон брегот на Мексико.

Претходно, дел од американската држава Тексас минатата недела беше под удар на разорниот ураган Харви, кој го опустоши брегот на оваа држава и однесе повеќе од 10 животи. Материјалната штета исто така е голема.

Опишувајќи ја Катја како „мал тропски циклон“, Центарот рече дека до крајот на недела би можела да го погоди Веракруз.